Во Порта Влае се доселивме пред 15-тина години и многу сме задоволни од населбата. Децата ги пораснавме во ова релативно безбедно место. Во близина има и градинки и основно училиште, безбедно шеталиште со многу дуќани, автобуски станици, амбуланта и поликлиника… речиси сè си имаме и немаме потреба да палиме кола, освен за специфични работи.
Соседите ми се ОК, порано фрлаа ѓубре каде стигнат, а кучињата им уринираа по лифтови и во влез, но последниве 5-6 години како да порасна културата, па вакви изолирани случаи ретко се среќаваат. Уште имаме еден комшо од седми што фрла отпушоци од тераса и по скали…
Генерално, многу сум задоволна…освен, од соседите до нас. Да не ме сфатите погрешно, луѓето се супер, културни, љубезни, срдечни….но, навечер се многу гласни. Како да ви кажам, ха, ха, ха, непријатно ми е.
Виновни се ѕидовите, можеби ете тоа е причината. Распоредот на станот е одличен, со простран дневен престој и трпезарија, солидни спални соби, убава голема тераса… Ама навечер штом си легнеме, речиси еден час сме приморани да ги слушаме дивеењата од спалната соба на нашите соседи.
Не само што гласно воздивнуваат, туку имаат и сценарија со улоги, а јас и сопругот се чувствуваме како секоја вечер да гледаме некој перверзен филм, односно слушаме, ама исто ко да сме таму.
Ајде, можеби не е тоа секоја вечер, ама секоја втора или трета, сигурно. Слушајќи ги нив, на мене и на сопругот ни одмиле онаа работа и се поретко ја правиме. Кога би знаеле во колку часот ќе им започне претставата, некако би одбегнале. Ама, почнувајќи некаде од 9-10 навечер, па се до 2-3 сабајле, во тој период може да им притекне било кога. Ако не сме заспани кога ќе почнат, толку од спиењето!
Ако сме заспани кога тие ќе почнат, прегласни се и не будат, па пак толку од спиењето. Најинтересно е кога ќе се сретнеме во ходник, во лифт или во продавница, се однесуваат како ништо да не се случува, а ние сме приморани да глумиме љубезност зошто така културата ни налага!
Зар ниеднаш досега не се запрашале дали им пречат на кутрите соседи? Или намерно тоа го прават? Или баш им е гајле?! Не знам, ама јас и сопругот сериозно размислуваме да се преселиме, ако не од населбава, барем во друг стан.
Се надевам ќе ме потрефи среќа, нешто ќе се случи за тие да се иселат пред нас. Не гледам друг излез. Не можам да се карам со нив заради една таква деликатна работа. Нема друг излез.