Коста Петров, човек кој без најмало штедење на зборови можеме да кажеме дека го заслужува врвот во Македонија. Неговиот животен стрмен пат денес е патоказ на многу млади личности. Од неговите книги се издвојуваат и големи поуки, затоа му поставивме неколку прашања за кој можеби не сте ги знаеле одговорите.
Галама: Која е ваша најголема мотивација во животот за патот до успехот?
Коста Петров: Мојата ќерка е мојата најголема мотивација во животот. Секојдневно ме учи како да бидам подобар човек но и да се радувам на малите работи во животот. Пред да се роди поминував низ многу тежок период во мојот живот. Бев исполнет со стравови, анскиозност и депресија.
Нејзиното раѓање го промени мојот живот засекогаш. Гледајќи ја неа сфаќам што е навистина важно во животот. Таа секојдневно ме мотивира да бидам подобар човек и да продолжам да верувам во чуда.
Галама: На социјалните мрежи проследуваме дека Петров постојано е во движење. Па што се случува во последниот период во животот на Коста?
Коста Петров: Последниве неколку месеци беа исполнети со многу патувања, како резултат на експанзијата на нашата компанија, Пи Ворлд, во Северна Америка и Азија. Речиси шест недели поминав патувајќи низ Канада и Америка и посетувајќи ги нашите настани во Торонто, Ванкувер и Атланта. Оваа недела заминувам за Сеул, каде го организираме и нашиот прв настан за односи со јавност во земјата. Декември конечно ќе имам време да се одморам и да наполнам батерии за она што ќе следува следната година.
Галама: Вашата кариера е обострана и како бизнисмен и како писател. Па од писателството сигурно сте прочитале и доста книги. Која е вашата омилена книга која вие сте ја напишале?
Коста Петров: Никој не рече дека ќе биде лесно е дефинитивно книга за која најмногу сум приврзан. Книгата ја напишав за мојата ќерка. Тоа е книга за најважното патување во нашите животи до местото каде што сите наши соништа се наша реалност.
Галама: Коста со сигурност го заслужува врвот во Македонија. Нешто повеќе околу професионалниот живот, хоби и Пи ворлд? Некој настан кој ви оставил најголем впечаток?
Коста Петров: Пишувањето е мое хоби. Професионално сум ко-основач и директор на Пи Ворлд, креативна агенција што за неполни осум години успеа да се прошири во 35 земји во светот на четири различни континенти. На почетокот воглавно се фокусиравме на земјите од Средниот Исток, Централна Азија и Северна Африка но пред две години започнавме да организираме настани и во Канада и Америка.
Овој ноември го организираме и нашиот прв настан во Кореја а следната година во април започнуваме со работа и во Мексико. Горд сум на работата на целиот мој тим. Не е лесно да се води глобален бизнис од Македонија но еве веќе осум години успеваме во тоа. За нас светот нема граници.
Имаме одлични продукти, работиме со некои од најголемите светски брендови. Можеби не сме најголемата агенција за организирање на настани во светот но дефинитивно сме најхрабрата. Што се однесува до тоа који настани ми оставиле најголем впечаток, тука дефинитивно ќе ги спомнам нашиот прв настан во Техеран пред три години и нашиот прв настан во Њујорк пред две години во просториите на престижниот Vogue.
Галама: Како е да се биде писател?
Коста Петров: Јас не се гледам себеси како писател. Сметам дека секој од нас треба да го сподели наученото. Не е важно дали тоа ќе биде преку книга, статус на Фејсбук или на кафе со пријателите. Сите ние носиме во себе приказни што можат да ги променат животите на луѓето околу нас.
Горд сум што моите книги се продадени во над 35,000 примероци во Македонија но најголема сатисфакција ми е кога некој ќе ми напише дека поради моите книги отворил сопствен бизнис или почнал да се бори против анскиозноста или едноставно престанал да гледа негативно на предизвиците во животот. Наша цел е да го промениме животот на луѓето околу нас на подобро и секој од нас, секојдневно, треба да работи на тоа.
Галама: Дали би ја промениле својата професија за друга?
Коста Петров: Никогаш не би ја променил мојата професија. Има денови кога ми доаѓа да баталам се но знам дека позади секој предизвик се крие некоја научена лекција а таа научена лекција ќе ме однесе таму каде што треба да бидам.
Галама: Со чиј живот би го замениле својот?
Коста Петров: Со никого не би се заменил. Јас сум јас. Јас имам свој пат и своја мисија. Има причина зошто сум тука на овој свет и секое искуство ме носи до таа причина.
Разговорот го водеше Анастасија Малеска