Пред да ме осудувате прочитајте зошто не го поканив татко ми на мојата свадба

0

И денес, на свои триесет години, очите ми се насолзуваат кога ќе видам некој сосем непознат татко како ја шета својата мала принцеза по улиците на мојот град. Мојот татко никогаш не ме имаше прошетано.

Никогаш не ми купил шеќерна волна или голем розов балон. Некогаш си се тешам дека можеби тоа се случило, ама јас, ете не се сеќавам. И си премотувам филм сè до првите сеќавања кои ги имам за себе.

Премотувам еднаш, два пати, три пати… И нема таков спомен! А, цело мое јас посакуваше да има. Барем на еден ден да бев татина принцеза, да ме држеше за раче, да бидам облечена во шарено фустанче и да бидам радосна што тато нашол час време за мене.

Ама не, татко ми беше многу зафатен правејќи пари и грижејќи се за неговиот деловен успех и општествен статус. Веројатно, на моменти забораваше дека дома има едно мало девојче кое сака да се гушка и да си игра.

Кога почнав да чекорам во светот на големите, мислев дека ситуацијата ќе се промени. Ако ништо друго, барем ќе разговараме, за мене, за него, за нас. Веднаш по дипломирањето, почнав да работам во неговата фирма.

Дадов сè од себе за да се збилижиме. Џабе! Бевме само вработена и директор кои разговараа за работи околу фирмата, временската прогноза и економските прилики и неприлики.

Едно петочно утро, сфатив дека јас не можам повеќе да бидам во негова близина. Си дадов отказ, а веќе идниот месец се иселив од она што го нарекувавме „дома“, а беше само огромен стан кој немаше ни топлина, ни љубов, ни насмевки.

Дојде и момент кога ја подготвував свадбата. На цело противење на мојата секогаш послушна мајка и на сите роднини, јас одлучив да не го поканам мојот татко на венчавката.

Не дозволив да биде сведок на најважниот момент во животот на неговата ќерка која пораснала без татко. И не, иако многумина мислеа така, јас не го направив тоа за да го озборуваат луѓето и да се одмаздам, го направив тоа што го чувствував.

Па, татко ми не беше покрај мене во најважните моменти од мојот живот… Не беше покрај мене кога тргнав на училиште, кога се запишував во средно, кога дипломирав… Не беше покрај мене кога ми раскина првиот дечко, кога една година се обидував да положам статистика, не беше покрај мене за празници, Нови години.

Често се случуваше да заборави и кога ми е роденден. Не беше покрај мене кога ги оперирав крајниците, не беше покрај мене кога една здодевна инфекција ме фрли на болничкиот кревет речиси месец дена. Тогаш, зошто да биде со мене баш на свадбата? И онака тој е мраз.

Нема ни да ме однесе до црквата, нема да ме гушне, нема да пушти солзи, нема да ми честита, нема да се поздрави со мојот сопруг, нема да танцува со мене…

Можете да ме осудувате колку сакате, ама детето во мене сè уште е тажно, на моменти гневно што никогаш не открило како изгледа љубовта на еден татко. И не планирам да се извинувам за своите постапки.

Не планирам повеќе да рушам ѕидови кои биле изградени уште пред да заземам свој став и да имам способност за расудување и кои години не успеав да ги турнам!

Претходна статијаЕва Заева: Јас сум девојка како и сите други
Следна статијаНекоја жена смеѓа накај црно, на М, ти ставила нешто во кафе – ми рече гатачката