Бевме една година во врска кога ми рече дека сака да му бидам жена. Ама бидејќи бевме млади, ми рече не мора да брзаме, доволно е засега да се вериме. Моите се израдуваа и направија голема веридба со музика. Се преселив кај него да живеам заедно со неговите родители.
Во почетокот се’ беше во ред, но рајот кратко траеше. Свекрва ми веднаш почна да се меша а јас бев нервозна па веќе не и премолчував туку и враќав. Тој не се мешаше, не заземаше страна, ама затоа почна често да излегува навечер и да се враќа пијан. Единствено брат му ме заштитуваше, беше малку постар и неженет, а свекорот беше безгласна буква, како да не постоеше.
Ова траеше повеќе од половина година кога мене ми пукна филмот и побарав од вереникот да ја смири ситуацијата. Сакав тој како маж да се постави или да продолжиме да живееме под кирија. Тогаш ладнокрвно ми рече дека можам да се вратам од каде сум дошла, зошто тој сакал друга и планирал со неа да се ожени. Ме удри дамла.
Подоцна разбрав дека таа е постара шест години од него, а се плеткале уште пред да се фати со мене. Изгледа никогаш не престанал да се гледа со неа. Мензисот ми изостануваше ама мислев дека се’ ми е од стрес. Многу повраќав, ми беше лошо и завршив во болница на инфузија.
Таму дознав дека сум бремена. Кога ги прашав за абортус ми рекоа дека сега е доцна, плодот пораснал и дека ќе мора со провокации да се убие. Ме советуваа да размислам добро пред било што да одлучам.
Одлучив да го родам, но најголем страв имав од родителите, како тие ќе реагираат. На вереникот ништо не му кажав, тој не знае дека стана татко, ама не заслужува ништо да знае зошто ме остави за проститутка! Најмногу се плашев од реакцијата на татко ми, зошто сигурна сум дека не сакал јас да станам самохрана мајка. Целата се тресев кога му кажував дека сум трудна.
Меѓутоа, онаа ноќ кога се породив, татко ми ги викна цел комшилук, пријатели, познаници и роднини, се испржија преку илјада мекици. Два дена и три ноќи славеше и кршеше чаши, пееше додека не му зарипна гласот. Единствена работа поради која што жалам е што мојот син ќе нема татко каков што јас имам. Еден е татко! Фала ти тато, те сакам!