Каролина Гочева и сестрите Тамара Тодевска и Тијана Дапчевиќ се македонските изведувачи кои ќе настапат на концертот посветен на Тоше Проески закажан на 2 ноември во ВИП Арената „Борис Трајковски“.
Учеството на шоуто кое ќе започне во 20 часот го потврдиле и Јелена Томашевиќ, Бојан Маровиќ, Сергеј Четковиќ, Борис Новковиќ, Владо Калембер, Ања Рупел и женскиот бенд „Фрајле“.
Од Меѓународната фондација „Тодор Проески“ информираат дека се’ уште се преговара со уште неколку звучни имиња од регионот, објави порталот Скопјеинфо.
На концертот ќе биде промовиран и албум со нови, до сега необјавени песни од Тоше Проески. Албумот е со наслов “Secret place” и на него се наоѓаат седум нови песни на англиски јазик како и три преработки на познати хитови.
– Материјалот се работеше во студиото на познатиот англиски продуцент Енди Рајт, автор на хитовите од претходниот англиски албум на Тоше „The Hardest Thing““ – додаваат од Фондацијата.
По нивен избор, избрана е и насловна фотографија од Тоше за албумот, која е една од најдрагите на семејството и на соработниците на Тоше.
Влезните може да се купат во „Југотон“, а како што претходно најави организаторот цената ќе биде прифатлива, поради тоа што настанот има хуманитарен карактер.