Обвинителство со снимка од собраниските камери покажуваше како на „Крвавиот четврток“ обвинетиот Никола Митревски – Кољо со фантомка се движи кон обезбедувањето на Трајко Вељаноски, а потоа пред кабинетот ја вади маската.
На рочиштето за настаните од 27 април беше прикажана снимка од собраниските камери на која се гледа движењето на напаѓачите со фантомки, припадниците на така наречените патриотски здруженија, како и на демонстрантите. Регистриран е и Игор Југ, човекот кој е осомничен дека имал задача да го ликвидира Зоран Заев. Тој без маска доаѓа до кабинетот на Вељаноски и разговара со обезбедувачите.
Обезбедувањето на Трајко Вељановски било во контакт со напаѓачите на „Крвавиот четврток“, а Елена Божиновска службеничка од Собранието им давала насоки со рацете. Беше потенцирано и дека Божиновска на снимката се поздравува со повеќе лица кои доаѓаат пред кабинетот на тогашниот собраниски претседавач Вељаноски. Заедно со членовите на неговото обезбедување Горан Ѓошевски и Иван Цветановски постојано се во телефонска комуникација. Откако навлегуваат поголем број на лица обвинителството докажуваше како тие биле насочувани низ собраниските простории и упатувани десно од кабинетот на спикерот кон прес центарот.
Според видот на облеката и телесни белези како тетоважи обвнителството ги идентификуваше Стефан Младеновски, Митре Питроповски, Дејан Давидовски, Горанче Ангеловски, Илија Славевски, Стефан Младеновски и други
На снимката лицата со фантомки ги повикуваат демонстрантите подготвени за напад. Во првите петнаесетина минути од нападот обезбедувачите Гошевски и Цветановски оставаат и пакети со вода во холот на собранието за демонстрантите.
Обвинителката Вилма Русевска одговори на приговорите на одбраната дека снимките обезбедени од телевизиите биле лепени, сечени и монтирани со коментар дека недостасувале да слушне уште и за жолти комбиња. Таа им порача дека обвинителството не е видеотека и дека одбраната може да ги обезбеди снимките од тв куќите на кои нема временска рамка. Целосниот видео материјал кој е дел од доказите им бил ставен на увид на адвокатите на одбраната, тврдеше Русевска.