„Во услови кога се сеуште се чувствуваат последиците од светската криза, како Влада и ресорно министерство го донесовме Законот за финансиска поддршка на ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза. Ги мапиравме оние граѓани кои во моментот се најранливи. Законот предвидува финансиската поддршка за неколку категории ранливи граѓани,“ истакна Тренчевска.
Согласно законот опфатени се: корисници на право на социјална сигурност на стари лица, корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед,самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош,корисници на право на пензија во висина до 14.000 денари, корисници на право на надоместок за телесно оштетување и невработени лица-корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок.
Министерката потенцираше дека, исплатата на паричната помош за пензионерите со пензии пониски од 14.000 денари го врши Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, и првата исплата од четирите исплати е извршена со пензијата за месец декември. Исто така, тука влегува и надоместокот за телесно оштетување кое го исплаќа Фондот.
„Пензионерите кои земаат пензија не поголема од 11.525 денари месечно, месечно добиваат по 1.500 денари месечно, за период од четири месеци. Пензионерите со пензии од 11.526 денари и не поголема од 14.000 денари месечно, добиваат помош од 750 денари месечно, за период од четири месеци. Корисниците на надоместокот за телесно оштетување добиваат по 750 денари месечно, за период од четири месеци,“ рече Тренчевска.
Министерството за труд и социјална политика ги известува граѓаните, дека согласно Законот за финансиска подршка на ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза, списоците на корисници на финансиска поддршка согласно овој закон се објавени на веб страната на Министерството.
Паричните средства за корисниците на финансиска поддршка за справување со енергетската криза, ќе бидат исплатени на 12.01.2023 година.
На веб страната на Министерството за труд и социјална политика се објавени (корисници на правото на социјална сигурност на стари на лица, посебен додаток, надоместок заради попреченост, корисници на надоместок за помош и нега од друго лице со трајни промени во здравствената состојба без потреба од контролен преглед и не користат право на надоместок заради попреченост, како и самохраните родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош).
На веб страната на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (корисници на пензија во висина не поголема од 11.525 денари месечно, односно во висина не поголема од 14.000 денари месечно, како и корисници на право на надоместок за телесно оштетување).
На веб страната на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок).
Списокот се објавува со цел граѓаните да можат да извршат проверка, а доколку лицето не е на списокот, а смета дека ги исполнува условите како корисник на право, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка при Министерството за труд и социјална политика, во рок од три дена од денот на објавувањето на списоците на корисници на финансиската поддршка, а најдоцна до 09.01.2023 година.
Приговорот може да се поднесе преку архивата на Министерството за труд и социјална политика или преку електронската пошта [email protected]
Списокот на корисници на паричните средства за финансиска поддршка за справување со енергетската криза, ќе биде отстранет од веб страната на Министерството за труд и социјална политика, веб страната на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и веб страната на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, по истекот на три дена од денот на објавувањето.
Линк до списоците: http://bitly.ws/yAjC