Со родителите живеевме во Шведска, а потекнуваме од западниот дел на Македонија, поточно од Охрид.
Знаете како е во странство, родителите се преокупирани со работа, а помладите со школо. Јазичната бариера ги прави работите да бидат многу посложени него што се.
Мислам дека родителите грешат што децата ги учат да зборуваат прво на мајчин јазик, па потоа на јазикот на кој се зборува во државата во која престојуваат. Можеби би требало да биде обратно..
Нејсе, како и да е, сè се постигнува кога се сака. Па така и јас, успешно го завршив основното и средното образование, но кога требаше да почнам со студирање, ми се случи тоа што ми се случи.
Секое лето си идевме Охрид на месец, месеципол, во зависност колку ќе добиеја моите одмор од работа. Но тоа лето беше посебно за мене. Тоа лето ја запознав љубовта на мојот живот, или барем јас тогаш мислев дека беше така.
Анита беше прекрасна црнка која првпат ја видов на познатото Охридско шеталиште. Судбината сакаше да ја видам повторно вечерта во диско, па и двјца од моите другари да се познаваат со една нејзина другарка која беше со неа вечерта.
Така се запознавме и многу брзо, уште истата вечер се бакнавме. Можеби нема да ми поверувате, но тоа беше мојот прв бакнеж во животот.
Ми се случи револуција во стомакот, во главата, во срцето. Вечерта не можев да заспијам. Со секое затварање на очите, ми се појавуваше Анита. Ми беше убаво.
Следниот ден се видовме повторно, денот потоа и деновите потоа. Тие четириесеттина дена ми поминаа како секунда. Тоа беа најубавите денови во мојот живот.
Претпоставувате дека со Анита го доживеав и она другото искуство, се разбира првпат во живот. И тоа беше тоа. Готово. Од тој момент па натаму, мислев дека во мојот живот постои само Анита.
Бев спремен веднаш да ја побарам за жена и веќе почнав планови како таа ќе дојде во Шведска и ќе живееме среќен живот.
Но што се случи потоа. Моравме да се вратиме во Шведска. Ова за мене беше како да ми го откорнаа срцето. Аните ме тешеше дека ќе се гледаме на социјалните мрежи и дека многу брзо ќе дојде следното лето. Ми беше малку чудно како таа ја прифаќа по малку рамнодушно нашата разделба, но не ни помислував на нешто друго.
Така и беше. Првите два – три месеци се слушавме по неколку пати во денот. Ми беше многу тешко што не можам да ја допрам, да го почувствувам нејзиниот мирис, што не е покрај мене. Но некако се навикнав и живеев за нашата следна средба.
Почнав со факултетот и како да ви кажам. Сè ми одеше. Летав од среќа, бев мотивиран, љубовта делуваше волшебно на мене. И потоа се случи најлошото. Најпрво еден другар од Охрид ми пушти фотка од Анита со момче покрај неа, а потоа слична таква фотографија видов и кај нејзина другарка на профил.
Анита почна да ги игнорира моите повици, а по неколку денови ми пушти кратка порака, дека си фатила нов дечко! Ми пропадна светот. Не можев да поверувам. Па зарем таа не чувствувала ништо спрема мене. Зарем не го чувствувала истото што го чувствував и јас за неа?
Подоцна во животот ми стана сосема јасно дека овие работи не одат баш така, но тоа подоцна. Тогаш за мене се сруши целиот свет. На факултет одев колку да се каже дека одам, престанав да јадам, почнав да п ијам.
По неколку месеци, фатив и ло шо друштво овде во Шведска. Почнав да одам во кафеани каде што имаше балканска музика, каде што свиреа тажни љубовни песни.
Почнав се почесто да се оп -ива м. Прометија и моите дома и почнаа и семејни ка -вги, прво меѓу моите родители, за тоа дека ме испуштиле од раце, па потоа со мене. Сето ова траеше скоро една година. Ќе излажам ако кажам дека и ден денес кога ќе помислам на Анита не ми се случуваат чудни работи во главата и не ми доаѓаат солзи на очите.
Но некако се заврши таа епизода, со помош на моите родители успеав да ја ,,преб олам” и да се вратам во нормален колосек. Промашив една година од факултетот, но потоа го завршив во редовен рок.
Сега сум среќно оженет, имам дечиња и имам едно прашање кон сите вас, во вид на констатација:
,,Кој не доживеал вакво нешто, нека го фрли првиот камен по мене!”
П.П. Фото: Илустрација
Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама