Мери Јордановска: Посакувам еднаш, ама само еднаш, да му го видам погледот на човекот што ги дели од мајката

0

Статус на Мери Јордановска: „Секогаш е тоа една кутија. Внатре обавезно, ама обавезно, оставен е пешкир. Не кебе, пешкир.




Претпоставувам зошто е поевтин. А на пешкирот, на крпата, која обавезно е со некои шарички, розева, со цветчиња – оставени се тие.

Најчесто непрогледани, со останати папочни врвки, ги испуштаат последните крици на надеж.




Понекогаш се мислам, од каде ја собираат силата да испуштаат толку силни крици за да бидат спасени, и дали истите би ги испуштале во надеж за помош, ако знаат дека не се сакани и каде се родиле.




Посакувам еднаш, ама само еднаш, да му го видам погледот на човекот што ги остава – оној што ги дели од мајката, ја става шарената крпа во кутијата, ги реди како да се играчки, и си заминува.




За него животот продолжува како ништо да не било. Тука е само крпата, за да го впие гревот, дека ете, направил нешто за да стопли суштества што ги остава без мајка и со 20 проценти шанса да преживеат.




А не дека немал опции. Едната чини едвај 2.000 денари – да ја стерилизира кучката/мачката што ја чува. Ако ги немал парите, можел да ги побара. Втората е барем да ги причува 40-тина дена. Третата е да ги задржи. Но, не.




Зошто да го прави тоа, кога една кутија и една крпа би решиле сè, а одговорноста би ја пренеле на некој друг?

„Некој ќе ги земе, де“. И да, најверојатно ќе ги земе. Како што го направивме ние тоа денеска. Сето тоа ќе чини 10 пати повеќе, но налет тоа, повторно нема да можеме да ја замениме мајчинската љубов.




Осум се. Нема да преживеат сите. А пустите, секој со свој карактер, преубав, невин, чист. Денеска се најдоа луѓе што ги вложија сите напори за да најдеме начин да се обидеме да преживеат. И не само луѓе.

Денеска една кучка лежеше на паркингот еден час, давајќи им млеко што го нема, за да им помогне да преживеат. Не сакаше да се одвои од нив, плачеше кога ги враќавме назад во кутијата. Инстинктот за спасување работеше кај една кучка, но не и кај човекот со шарената крпа.




Тој, човекот со крпата, сега мирно спие. Нема појма дека осум животи (а и многу други, секојдневно, во овој проклет град, во оваа проклета земја), можеш да ги оставиш пред контејнер, како отпад, а денот да ти продолжи како ништо да не било.




Про клет да си, ти, и целиот овој систем што го дозволува тоа. Живејте, малечки, за среќа се уште има луѓе што ќе се потрудат тоа да е така! До кога, не знам.

Претходна статијаСтефан од „Некст тајм“ во љубовна прегратка, дали на сликата е манекенката Маја? (ФОТО)
Следна статијаНоне со Доналд од Шкотска, еве што си рекоа и зошто таа задоволно се смешка (ФОТО)