Владимир Четкар е нашиот најпознат музичар кој живее и работи во САД. Родениот Охриѓанец, школувањето го заврши на музичкиот колеџ Беркли, а искуството го собираше на настапи насекаде низ светот.
Музичката критика го опишува како еден од најталентираните во областа на џезот, соулот и фанкот.
Четкар живееше во Њујорк и неретко знаевме да напишеме дека тој е нашиот музички ,,амбасасдор” во Соединетите Американски држави.
„Во последните 13 години играм пинг понг помеѓу Охрид и Њујорк. Охрид е мојот дом, местото каде што Господ ми дал душа, каде што живее моето семејство и каде што поч-иваат моите предци.
Њујорк е мојот втор дом, урбан мегалополис со најголемата енергија во светот која постојано ме челичи како човек и професионално ме усовршува.
Во Њујорк се преселив крајот на 2007 од Бостон каде дипломирав на Беркли Колеџот за музика. Брзо се адаптирав на промената, создадов многу нови контакти и се стекнав со некој од најбитните искуства во мојата кариера. Во сето тоа ми помогна единствено мојот талент и карактер.
Њујорк е дефинитивно најдобрата средина во светот за калење на еден музички уметник кога станува збор за популарната музика токму поради жестоката конкуренција и вонсериска креативност која постои тука, рече Четкар за Галама во една прилика.
Минатата година, во времето на најголемата пандемија, Четкар за Галама изјави:
Точно пред година дена се преселив во Вашингтон Хејтс (Горен Менхетен) од Вест Вилиџ каде беше мојот дом во Њујорк цели дванаесет години. Во Менхетен горе-долу секаде има висок процент на заболени и поч инати од вирусот Ковид 19 и е најверојатно повисок процент од било кое друго место во светот.
Иако имав авионска карта, немав можност да се вратам бидејќи се затворија аеродромите во Македонија. Ја пратам ситуацијата во Македонија и се надевам дека ќе можам да се вратам во текот на Јуни/Јули.“
Откако тоа го изјави тој успеа да се врати дома, и сега објавува слики од родниот Охрид на социјалните мрежи.
Последната негова слика е уметничка, и ти се чини како да не е во Охрид туку на Малдивите. Тој е сликан во Трпејца, македонското Сен Тропе, и напиша: Македонскиот рај!