Проф. Трајковски предупредува: Во Британија се појави Бенгалскиот сој – РТ веќе им отиде над единица

0

Професорот по Механика од Битола Дејан Трајковски некаде пред крајот на минатата година, многу точно предвиде дека британскиот сој на вирусот ќе дојде и ќе стане доминантен кај нас.

Тој сега предупредува дека во Британија се појавил Бенгалскиот сој и таму веќе РТ отишло над единица, иако преку 50 проценти од населението е имунизирано:

„16.05.2021. Да фрлиме еден малку поинаков поглед на фазниот портрет I-T (бројот на активни наспроти вкупно случаи, на првиот дијаграм), прикажан во двојни логаритамски координати.

На него многу убаво се отцртуваат четирите максимуми и трите минимуми на епидемијата во Македонија. Забележуваме дека после трите минимуми, како по некаков природен закон (од некаква невидлива сила) сината линија се одбивала од црвената линија на трендот и одново започнувал нов бран.

Овој пат не е така – сината линија конечно ја проби црвената линија која долго време служеше како поддршка на нагорниот тренд и не дозволуваше намалување на бројот на активни случаи.

Се чини дека овој пат активните случаи конечно и незапирливо тргнаа надолу, па доколку ништо не ги сопре, би требало да се намалат до некој минимум и да останат таму до есента. Нема да опаднат до нула бидејќи мало, спорадично заразување ќе има цело лето.

На вториот дијаграм ги гледаме решенијата на диференцијалните равенки на динамиката на епидемијата, односно крајно десно на дијаграмот бледите линии ги прикажуваат прогнозите од денеска до крајот на мај.

Се гледа како зелената и сината линија (на вкупниот број на новодијагностицираните и оздравените, заедно со починатите) постепено ќе се израмнува, додека розовата линија (прогнозата на бројот на активни случаи) постепено ќе се намалува и до крајот на мај треба да достигне само околу 620 активни случаи.

Навидум, во Македонија се изгледа во ред. Меѓутоа, во Велика Британија ефективниот репродукционен број Rt започна да расте и веќе излезе над единица! Прв знак дека нешто не е во ред, најверојатно поради ширење на бенгалскиот сој на вирусот.

Иако имаат стапка на прележаност приближно како кај нас, а стапка на вакцинираност околу 50%, преносот на заразата е на граница на епидемиски. Затоа веќе започнале психолошки да го подготвуваат населението за летен бран на епидемијата со преку 1.000 мрт -ви на ден.

Тоа се огромни броеви, при толкав степен на имунизација по двата основи. Таквите проекции се засновани на проценета преносливост (базичен репродукционен број R0) значително над преносливоста на „дивите“ соеви, но и британскиот сој којшто веќе се одликуваше со многу висока преносливост (приближно R0=4).

Просто е непојмливо дека бенгалските варијанти на вирусот B.1.517 и B.1.518 можат да бидат уште поагресивни од британската варијанта B.1.1.7, со која и ние имавме работа оваа пролет.

Германските вирусолози, пак, предвидуваат есенски бран, што изгледа некако пологично, со оглед на високата стапка на прележаност во Европа. Како било да било, последниот развој на настаните во Велика Британија не ни дава мир и мора да ни послужи како последен повик за масовна вакцинација.

Да се потсетиме, за да стигнеме до каков-таков колективен вакцинален имунитет потребно е да влеземе во зимата со најмалку 1,1 милион вакцинирани, односно околу 3/4 од возрасното население, на што ќе мора прилично сериозно да се работи.

Од друга страна, соопштението дека неделава ќе добијат датум и повик за вакцинирање сите постари од 40 години (што го претставува поголемиот дел од населението кое сака да се вакцинира), кажува дека многу бргу, односно при мали бројки, ќе заврши вакцинирањето со првата доза.

Лош знак, знаејќи колкав е теоретски потребниот број на вакцинирани. Во меѓувреме границите остануваат ширум отворени, без никакви проверки, а општеството максимално се отвора.

Дали се подготвува сцената за британско-индиското сценарио? Доволно е само еден единствен случај од споменатите агресивни соеви да влезе во државата и одново да започнат проблемите.

Ако им веруваме на британските научници, подобро да се спремаме за лошото, па да испадне доброто, отколку обратно.“

Претходна статијаСе соблече дечкото на Цеца, обожавателките збеснаа по неговоите мускули (ФОТО)
Следна статијаСи имав дечко во село, ама моите запнаа да ме омажат во Германија