Министерот Венко Филипче вчера информираше дека македонски граѓани може да патуваат во земјите на ЕУ со сертификат за примени две дози на вакцина од типот на вакцини признати од Европската агенција за лекови или од Светската здравствена организација.
Тој нагласи дека грчките власти пак, ги признаваат сертификатите од сите вакцини што се одобрени во Македонија, но и нагласи дека ПЦР тест сепак е потребен доколку по примената втора доза не поминале повеќе од две недели.
„Не верувам дека ќе има дискриминација од страна на земји членки на ЕУ кон нашите граѓани во однос на типот на вакцини и сметам дека ќе бидат признаени кинеските вакцини од двата производитела, како и руската вакцина, покрај другите вакцини како Фајзер или Астразенека. Впрочем, тоа беше речено и на состанокот што го имавме со еврокомесарот Вархеји“, рече Филипче.
Процесот на вакцинација се одвива добро, како во регионалните центри, така и на сите пунктови за имунизација во земјава, оцени Филипче. Тој информира дека досега се вакцинирни околу 150 граѓани, а околу 30 илјади се и ревакцинирани.
Филипче рече дека денеска се очекува да пристигнат близу 40 илјади дози на вакцината Астразенека, од која количина ќе се одвојат 24 илјади дози за ревакцинација, но и ќе се испланира да бидат вакцинирани уште околу 8 илјади лица на возраст од над 70 години кои дополнително се пријавиле за вакцинација.
Министерот потврди дека засега нема промена на ставот Астразенека да не се аплицира кај лица на возраст под 60 години.
„Со досега вакцинираните лица кои се повозрасни од 70 години и дополнително пријавените, сметаме дека ќе дојдеме до бројка од 42 отсто вакцинирани лица од оваа возрасна група, што е многу добар резултат за имунизација на ризичната категорија граѓани“, изјави Филипче
Во текот на утрешниот ден, како што рече, ќе пристигнат уште 100 илјади дози на вакцината на Синофарм, како донација од кинеската армија.
На прашањето дали како што тој имаше најавено, до утре сите пријавени ќе добијат термин, министерот одговори дека до утре или до понеделник би требало да се испратат известувањата за термин, но и остави резерва помладите од 40 години сепак да причекаат малку за термин, бидејќи во меѓувреме има пораст на пријавени постари од 40, 60 и 70 годишна возраст.
Kaко се случи и помлади од 40 години да бидат вакцинирани во некои општини, кога правило беше да се вакцинираат повозрасните, министерот рече дека имало такви случаи затоа што веќе се вакцинирале сите постари граѓани од нивната општина или од пријавените на тој пункт за вакцинација”.
На прашањето дали се размислува за ослободување од обврската за носење на маски на лицата што примиле две дози на вакцина, Филипче рече дека лично смета дека засега е прерано за таква одлука, имајќи предвид дека сѐ уште има фолеми групирања на луѓе на одделни места, а дека е рано особено за затворен простор.
Но докторот Никола Пановски смета поинаку. Според него маска на отворено не треба да носи ниту еден граѓанин ако има услов да држи дистанца, без разлика дали се вакцинирал или не.
На отворено не треба никој да носи маска, особено ако не се во некоја гужва, ако се на растојание поголемо од два метри, доколку не чекаат ред некаде, како на пример ред во банка, на автобуска станица.
Тоа е сосема непотребна мерка, од која нема никаков ефект, освен лош психолошки ефект за граѓаните – коментира Пановски. Со ова темпо на вакцината, Пановски смета дека до крајот на годинава земјава би стекнала колективен имунитет.
Пандемијата ќе заврши следната пролет доколу не се појават нови мутации отпорни на вакцината. Можен е мал бран есенски, како што има за сите респираторни болести, но нема да биде трагичен како овие два што ги преживеавме. вели Пановски за Сител.
Во меѓувреме САД ја укинаа обврската за носење заштитна маска за целосно вакцинираните лица, но остануваат задолжителни во болниците и на места каде има гужви.
Во САД до сега 2 дози вакцина примиле 117 милиони луѓе од вкупно 330 милиони.