Откако заврши петтата сезона на популарната серија „Преспав“, секој работен ден на првиот канал на Македонската телевизија се емитуваат репризите на комичната серија која е единствената наша серија што ја има снимено петтата сезона.
Гледачите уживаат во доживувањата на Ула, Коста, Тони, Миле, Мич, Јелена, Таљат, Наим и секако Марио, кој го глуми Васил Зафирчев.
„Марио е Лажен готвач и будист. Зад неговата „духовност“ се крие неговата страсна и афективна природа како лик. Цар на сплеткарењето. „Кралица“ на драмата и патосот“, вели Зафирчев за својот лик.
Зафирчев во интервју за Женски магазин зборуваше за своето детство.
Имав убаво, спокојно и безгрижно детство во родниот Велес, кој во тоа време беше еден од најуспешните и најпросперитетните индустриски развиени градови во тогашна Југославија.
Наследив добро домашно воспитување од родителите и семејството и смерници за вистинските вредности во животот.
Во најубаво сеќавање ги имам бескрајните детски игри низ велешките маала, во Дворови, на Мегдан или Црна Џамија, возбудливите авантури на Вршник и Костурница, возењето со велосипед до Езерото Младост.
Пливањето на Вардар или пак по вировите на Бабуна и Тополка, дружењата со врсниците од другите градови низ детските летувалишта и зимувалишта во Македонија, како и долгите летни одмори со родителите на Јадранот на кои запознав пријатели од цела Европа, а со дел од нив и денес одржувам комуникација.
За ликот на Марио, тој за „Репортер“ рече:
„Многу ми е драго што Марио е еден од ликовите што го сакаат повозрасните, а особено децата. Снимањето колку што е интересно, истовремено е и тешко и интензивно. Снимаме по една епизода дневно, а јас на сет секогаш доаѓам подготвен и не ми се случува да ги заборавам репликите.
Мило ми е што ние глумците, но и целата екипа, успеавме да направиме една мала ‘Преспав’ фамилија. Ретко може да ви се случи во театар или на филм да имате една таква екипа со која одлично се познавате и која е секогаш тука за вас“.
Зафирчев е познат како човек што се грижи за својот изглед и стил. „Модата е начин на еманирање на нашиот однос кон сопствената убавина. А стилот средство преку кое покажуваме кои сме и какви сме од внатре“, рече Васил.
Иако Преспав го нема на телевизија, наскоро повторно ќе се дружиме со јунаците од оваа пзоната серија, а главен повод за тоа е токму Марио. Зафирчев го најави своето ново шоу „Кујната на Марио“, каде што ќе готви вкусни јадења.
Гости на Марио, според најавата ќе бидат токму неговите другари од „Преспав“: Талат, Инспектор Томе, Коста, Тони.. Зафирчев на Фејсбук најави:
-Од 29 април се гледаме на YouTube со кулинарското шоу “Кујната на Марио”.
Во кујната на Преспав, Марио и неговите добро познати гости ви подготвуваат 10 фантастични рецепти – што би рекол Марио – prste za polizat!
Забавувајте се, гответе и уживајте!“, рече Зафирчев.
Во авантурите на Марио и неговите гости, сите заедно наскоро ќе уживаме на јутјуб каналот на Преспав.
Фото: Инстаграм принтскрин, Јутјуб принтскрин