Бранка Костиќ Марковиќ е позната медиумска личност во доменот на културата и уметноста. Таа е истакнат музички публицист со дведецениско искуство.
Нејзината кариера во најголем дел е поврзана со телевизискиот екран, иако неретко е присутна и во другите медиуми.
Како новинар, уредник и продуцент, автор е на повеќе од 350 емисии од областа на уметничката музика (од циклусите „Музика“, „Класика“, „Аликвоти“, „Мојот пат“, „Музичка сцена“, „Астрорум“, и на неколку документарни филмови и репортажи).
Во тие рамки реализирала над 1.000 авторски прилози, студиски музички проекти и повеќе од 900 интервјуа со врвни домашни и странски уметници.
Се јавува и како промотор, рецензент и координатор на бројни музички изданија и настани.
Во еден период се јавува и како дописник на културната програма на српскиот национален сервис РТС, и како уредник на едукативните списанија за деца.
Бранка Костиќ Марковиќ (1972) почнува да свири виолина на шестгодишна возраст кај професорот Паскали Николов. Основното и средното музичко образование ги завршува во МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.
Потоа се запишува на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во првата генерација студенти на одделот по етномузикологија. По дипломирањето со највисока оценка, ги завршува и последипломските студии и се здобива со титулата магистер по музички науки.
Таа отворено зборува за состојбите во нашето општество, а сега на Фејсбук го објави своето мислење околу актуелната дигитализација на учебниците, но и други нешта поврзани со културата.
-Секогаш кога се барало отчетност кај нас за што било, секогаш, ама секогаш, се јавувал отпор кај оние кои целиот живот, на грбот на сите, живееле на картата на неотчетност.
Истите тие што редовно се бунат, тие прокламираат и европски вредности, а не сакаат европски закони.
Па, доволно е макар едно поминато искуство со еден аплициран европски проект и побаран грант од странски фонд, за да се види каква администрација бараат тие (душата ќе ти излезе, не само при аплицирањето, туку и во процесот на реализација, а особено при затворањето на финансираниот проект).
Ајде да не се правиме наивни дека странските пари се странски, па мора да се оправда секое евро, а домашниве треба да бидат „на изволте“ за користење без никакво покритие. Денеска барем е лесно. Трагата на парите е јасно видлива.
Сите преговори и договори одат по мејл, сѐ се знае – и кој за колку бил побаран да свири и кој за колку потпишал дека ќе свири. Тоа ли е тешко да се напише и приложи?
(П.С. Тука не мислам на проблемот со носење на документи на рака, зашто и самата сум продигитално настроена и со години и самата работам во тие сфери и се залагам за дигитализација на сѐ она што ни го олеснува животот.
Е тоа треба што поскоро да се имплементира. (Но, тука, пак, не спаѓаат дигиталните учебници)). Зборувам за отпорот кон новите правила во областа на културата. Пардон, не кон новите правила, туку постојаните правила, кои сега треба во целост да се исполнат“, истакна Бранка Костиќ- Марковиќ.
Фото: Фејсбук