Вчера после не знам колку време се почувствував како југословен – заедно со Срби, Хрвати, Босанци, Албанци

0

Директорот на Канцеларијата за ИТ и електронска администрација, Михаило Јовановиќ вчера изјави дека досега во Србија се вакцинирани 22.000 странски државјани, сите со вакцината „Астра Зенека“.

„Вчера се создадоа редици, затоа што сите (странските граѓани) дојдоа во исто време, наутро. Ако ја почитуваа поканата и времето што им беше доделено, немаше да биде преполно… Апелиравме странците да не доаѓаат без претходна регистрација преку порталот за е-Влада“,изјави Јовановиќ.

Тој за РТС изјави дека досега во Србија се дадени 2,35 милиони дози вакцини против ковид на српски граѓани, од кои 920.000 ја примиле втората доза, а до вторник, 30 март, треба да се стигне до еден милион ревакцинации.

Се претпоставува дека преку пет илјади македонски граѓани, изминатиот викенд биле имунизирани во Србија. Впечатоците на најголемиот дел од нив се позитивни.

Особено внимание и емоции по едно време, предизвика коментарот на Томас Џеферсон во групата „Ковид 19 искуства и совети“:

„Вчера на Саемот во Белград, јас и моето поблиско семејство се вакциниравме против Ковид19.

После не знам колку време повторно се почуствував како Југословен. Заедно Срби, Македонци, Босанци, Црногорци, помал број Хрвати и Албанци.

Прекрасно друштво, муабети, вицеви, евоцирање спомени. Едни драги луѓе од Босна предложија сите да заиграме едно заедничко оро.

Беспрекорен пречек од страна на домаќините. Уште на самата граница на Табановце топол прием од граничните власти. До Белград не видов ниту една полициска патрола, ниту за назад. Автопатот европски, наоколу покосено, чисто. Помислив дека специјално за нас чистеле.

На саемот во Белград невидена организација. Се’ организирано на највисоко ниво. Обезбеден паркинг, обележани пунктови, редари кои најтопло те насочуваат. Чекавме околу еден час.

Во пунктот за вакцинација како на филм. Културни, срдечни и многу пријателски расположени лекари и друг медицински персонал. Примивме вакцина и ни посакаа среќен пат и добро здравје.

Фала до небо на нашите браќа Срби. Барем јас и моето семејство оваа ваша добрина нема никогаш да ја заборевиме. Огромна благодарност.

А нашите власти…? Кога веќе не можеа да ни обезбедат благовремено вакцини, можеше барем викендов да ни помогнат и барем минимум почит да покажат спрема нас граѓаните.

Можеше многу лесно барем викендов, за сите тие што патуваа за Белград, да не важеше полицискиот час до 05 часот сабајле.

Можеше и рампите на патарините да останат кренати, како би ни овозможиле намалување на нашите трошоците и времето кое го трошиме. На граница исто. Без проблем можеше рампите да ги кренете и да ни помогнете да ќариме еден час.

Сите ние кои отидовме во Белград направивме околу 400-500 евра трошок. Редовно плаќаме здравствено осигурување за да добиеме здравствени услуги дома, во моментов и вакцина против Ковид, која вие благовремено не ја набавивте. Доцниме веќе три месеци.

Нејсе, ама барем да мрдневте со прстот да ни го олесните нашето патување во Белград.

Вие и тоа не го направивте, а можевте. Не покажавте никаква почит, човечност, хуманост и спремност за нас граѓаните. Срам да вие!“

Претходна статијаРанко Бубамара: Полицискиот ќе го пробиеме, а ако направиме некој кластер ич да не ви е гајле – вие сте пред малите екрани
Следна статијаВаско Ефтов: Јас мислев дека владите на Бучко и Љубчо се „село без кучиња“, но што се случува сега?