Ја испратив пеш до Кисела вода, па пак пеш до Чаир – Џокси проговори за едно убаво време, се потсети на младоста

0

Ѓорѓе Васиќ, алијас Џина Папас Џокси е еден од најпопуларните пејачи на македонската сцена. Неговата сега веќе легендарна „На Велигден“ стана евергрин, хит кој ќе се слуши уште многу години.

Генерациите кои во деведесеттите години од минатиот век беа во своите дваесетти години, многу добро се сеќаваат на атмосферата пред скопскиот соборен храм, пред таа величенствена атмосфера, кога илјадници луѓе од поранешна Ванила, па се до Симпо, по Партизанска, стоеја со свеќи во рацете и го очекуваа Христовото Воскресение.

Речиси постојано, од звучниците на Соборниот храм, пред да започне Божествената Литургија, се слушаше композицијата на Џокси, а сите во еден глас ја пееја.

Џокси е тип на човек, кој кога ќе го запознаете, мислите дека сте го знаеле цел живот. Нема кај него препотентност, патење од величина, надменост. Џокси е обичен соговорник, впрочем, такви се сите „големи“ луѓе, независно дали се актери, пејачи, политичари.

Џокси е градска, скопска, центарска урбана легенда. Тоа оние кои се движат низ строгото центарско подрачје на Скопје, добро го знаат. Тој често може да се види со сопругата, во неговата омилена пицерија  Бимотис, во ТЦ Буњаковец.

Кога ја споменавме сопругата, Џокси лани, отприлика ова време, се потсети на нивната прва рожба:

,,На денешен ден имав настап во дискотеката на хотел Палас во Охрид. Патував со брат ми Јовица.Тој по риби, а јас со дечките се договарав како да го реализираме настапот. Вики остана сама дома со мисла дека ќе се породи околу 20-ти. Но се нашла затечена. Покојни чичко Горјан ја однел во Поликлиника Чаир.

На одење ми оставила пусулче залепено со селотејп на огледалото во ходникот: “Јас сум во болница, чичко Горјан е со мене, јави му се на Filip Vanovski да дојде“…

Другиот ден, недела, околу 5 наутро кога се вративме, бев избезумен што ја нема. Ја барав насекаде. Пусулчето не го видов. Ниту чичко Горјан излезе да каже каде е. Инстиктот е нешто што, кога во одредени ситуации не знаеш кај си па тргаш уз воздух, па каде и да стасаш. Прво со бавни чекори, а потоа со трчање …

Да, ја најдов таму, како да ме чекала. Саат пред да се породи бев со неа. Мислам, покрај поддршката што ја имаше од Филип, мојата и беше бесценета. Знаевме дека е девојче, знаевме и како ќе се вика…

Знаеме дека утре полни 28 години”, напиша на 11 април лани Џокси, честитајќи и го роденденот на својата ќерка. Остана впечатлива честитката која Џокси и ја упати на неговата ќерка, по повод нејзината магистратура:

„Ќерко, сега кога магистрира ред е да почнеш да го живееш животот. Мајка ти те научи букви и бројки, јас те запознав со нотите, а тоа се неговите три основни елементи.

Буквите, преку кои ја доби својата писменост, ти овозможуваат да комуницираш со луѓето, да го разбереш нивниот збор и со иста јачина да им се спротивставиш. Бројките ти овозможуваат да ја пресметаш тежината на животот.

Ќе вадиш корења за да преживееш, но плодовите секогаш доаѓаат на добро пресметаното време. Музиката е таа која треба да ги спои овие елементи и во хармонија да ти го олеснат патот кон успехот.

Патот, и самата знаеш, не е постела од пердуви, опак е. Ако не знаеш да пресметаш (бројки) по која рута да се движиш, ако не можеш да разбереш (букви) што се бара од тебе, тогаш застани, одмори, слушни ја музиката (ноти), опушти се, и … ќе ти текне, за сѐ има решение.

И не брзај да докторираш, има време. И не брзај да се враќаш, пак има време. П.С. Ти текнува кога ја бранеше дипломската? Професорот ме виде пред да ме претставиш и на глас кажа:

– Оооо, па ти си викнала и музика да прославиме! Се стаписа кога разбра кој сум. Четири години не си ни кажала кој ти е татко?!

– Професоре тука јас ја бранам дипломската, а не татко ми!

Тоа само ја покажува твојата големина што си се изборила сама за своите ставови и успеси, ја покажува твојата перцепција на животот и работите околу себе. Ти честитам на успехот што денеска ме направи да се чувствувам возвишено. Што и да ти треба, кај и да си, тука сум. Те сакам!“

Денес Џокси, инспириран од мерките кои властите ги спроведуваат како превенција од пандемискиот вирус, се потсети на младоста:

„Скопје пред полициски. Мр тво … 2 без 3 … Без џагор … Ми врати спомени кога… Останавме доцна на кеј, не занесе муабетот … Последен автобус во 23.00, немаше такси…

Ја испратив пеш до Кисела вода, па пак пеш до Чаир. Улици пусти, сијалици светат како која. Темница… Џандар на точак се враќа дома … Разнесувач на млеко … Првиот автобус за Охис помина …

Муграта ме стаса кај паркот … Мајка ми на балкон чека … Ѝ падна камен кога ме виде: “Па кај си до сега?! Млекото ти е на маса.” Ме бакна во коса и тргна на работа…
Мое Скопје!“

Претходна статијаКорубин направи брендиран производ, Каролина му е инспирација
Следна статијаБогојески: Ако продолжиме по умот на Заев, Мицкоски и Бучковски, со нивниот антиЕУ – југо стил, Македонија нема да ја има