Македонскиот претставник на овогодишниот избор на песна за Евровизија, Васил Гарванлиев, вчера преку видео се обрати до јавноста за бугарскиот пасош и за промената на спотот.
Рече дека уметничкото дело на кое беа препознаени боите на бугарското знаме било погрешно сфатено, а потоа сменето поради реакциите. За интервјуто, Гарванлиев раскажува дека било снимено минатата година.
Пејачот образложува дека со семејството во 1997 година се преселил во Чикаго, каде што живеел неколку години. Откако биле депортирани, фамилијата извадила бугарски пасоши, на основа на тоа што неговата баба била родена во селото Игралиште, надвор од Петрич. Вели дека бугарски пасош има веќе 20-ина година, а во Македонија, двојното државјанство е дозволено.
„Имам живеено 10 години во Торонто, 8 во Чикаго, 1 во Милано и 1 во Лондон, неколку со куфер патувајќи, имам застанато на светските сцени во Париз, Амстердам, Цирих, Њујорк, Чикаго, Торонто, листата продолжува. За мене најважно и најгордо нешто беше тоа што првата реченица во мојата биографија низ цел свет беше:
‘Македонскиот баритон Васил Гавранлиев ја започна својата кариера на 7 години во својата родена земја’“, вели Гарванлиев.
Македонскиот претставник во видео обраќањето вели и дека со душа чека да застане на таа сцена и да вибрира во црвено-жолта боја.
За видеоспотот, раскажа дека во моментот кога дознал дека луѓе се погодени и по грешка било сфатено тоа дело во музејот, спотот бил сменет. За интервјуто што циркулира викендов, пејачот вели дека било снимено пред една година.
„Во музика нема политика, нема раса, нема боја, има љубов, има човештво, има енергија. Ако некој е повреден од тоа што јас го направив ненамерно, многу случајно, јас се извинувам од сè срце. Не се извинувам за тоа што сум јас, но ако имам повредено некого, кои и да сте, простете ми.
За крај ве оставам со преводот на рефренот на Here I stand: Сите ќе пробаат да те скршат и соборат, без да знаат дека тоа те прави посилен да продолжиш понатаму“, додава македонскиот евровизиски претставник во обраќањето.
Вчера на својот профил на социјалните мрежи, се огласи и познатиот новинар и водител Огнен Јанески. Тој почна и заврши со цитат од Светото Писмо, а во редовите помеѓу, имаше што да каже:
„Има една фина, библиска и вели: „Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен.“
Кај нас тоа деновиве би било вака: „Кој од вас не познава ниту еден околу себе со бугарски (или друг некој) пасош, нека фрли камен.“
Дното се допре во тој момент кога се отвори петиција за Vasil Garvanliev да нѐ не претставува на Евровизија, поради тоа што имал два пасоша, меѓу кои и бугарски.
Истото ова, се користи во исклучително политички цели на интересовните групи во двете земји, во исклучително тежок период за Македонија, поради односот на Бугарија кон нас и игнорантниот однос на ЕУ што е ужасен, а дополнително се става во контекст на двојните државјанства на луѓето кои се на функции во Македонија, а имаат и бугарски пасош, за што трачареше и Каракачанов минатата недела.
И ја прифаќам надразнетоста на луѓето кај нас и дувањето на јогурт. Во ред, но, ваквото нагорно-растечко реагирање е многу лоша работа, особено доколку прераснува во параноја, која доведува и придонесува кон сериозен линч и насилство преку интернет, кое многу лесно може да премине и во физичко, доколку не се преземат мерки е неприфатливо.
Интервјуто на Васил никому очи не му бодеше минатата година, кога исто така ни беше претставник, ни пак интервјуата кои ги даваше и годината претходно, кога беше пратечки вокал на Тамара.
Но, интервјуто сега се вади на површина откако проблемот со Бугарија зеде невидени размери и баш сега за да има народ да глода коски за Евровизија, наспроти немањето вакцини, наспроти исклучително сомнителните тендери, наспроти одговорност во министерство за здравство за трите органи… и вие додадете сѐ друго што мислите дека треба.
Песната е одлична, а и спотот исто така, вокалните способности се бесценети. Ете, се реагираше на реакциите на луѓето за делото на Жанета Вангели во спотот, се отстрани.
За тие кои зборуваат за укинувањето на учеството на Евровизија, нека помислат како би им било нив некој да бара укинување на учествата на спортските натпревари каде нѐ претставуваат како македонска екипа. И ако навистина сметате дека Евровизија е неважна, тогаш зошто воопшто имате проблем со настапите и со спотовите?
И да, Евровизија примарно е музичка, но е и исклучително политичка манифестација. Затоа е учеството и затоа е прифатливо тоа што беше важно да се реагира на спотот, кој се промени. А се промени, зашто е важно мислењето на тие од чии пари се организира настапот. Но, кога е премногу – премногу е.
Никој не заслужува да живее во страв за својот живот, под силни клевети, навреди и закани! Уште пострашно е молчењето на институциите, како и на невладиниот сектор кој се занимава со сајбер-на сил -ствата.
И уште еднаш на крајот: „Кој од вас не познава ниту еден околу себе со бугарски (или друг некој) пасош, нека фрли камен.“ Но, камен да фрли и кон политичарите, функционерите, спортистите, дипломатите. Или, нека си го задржи за себе.“