Трифун Костовски раскажа за неговиот другар Вања

0

Трифун Костовски е еден од најпознатите македонски стопанственици, донатор и поранешен градоначалник на Град Скопје. Тој во изминатиот период беше мошне актуелен во јавноста поради случувањата со затворањето на Еуростандард банката.

Трифун Костовски сега е активен и на социјалните мрежи. Тој постојано споделува статуси со свои ставови, но и потсетува што другите рекле за него и колку многу помогнал во сите сегменти во општеството. Во еден од своите неодамнашни постови, тој напиша:

„Почитувана Македонијо, Од секогаш сум велел дека сите ние сме на помин во овој свет, дека човечкиот живот е временски краткотраен и дека можеме да останеме запаметени во времето само ако оставаме во него трајни траги.

Од тие причини јас својот живот го поминав трудејќи се да создадам нешто трајно, давајќи печат на моето битствување кое се надевам ќе биде запаметено но, давав поддршка и помагав секакво човечко делување во правец на градење трајни вредности кои ќе ја воздигнат нашата татковина!

Секаде каде што ќе препознаев концепт и план за унапредување на живеењето и промовирање на Македонија, со задоволство помагав. Чувството на давање и потоа гледање на резултатите од вашата помош се незаменливи, тоа е чувство на благост, восхит и гордост на постигнување на другиот со ваша поддршка.“

За Трифун многумина напишаа зборови на благодарност за неговата несебична помош во изминатите години. Еден од највпечатливите статуси, беше оној на познатата пијанистка Хајди Елзесер, која меѓудругото напиша дека кога била во безизлезна ситуација, Трифун Костовски и ја префрлил потребната сума за завршување на студиите во Париз:

„Мојата реакција беше многу повеќе од тоа!!! Како милиони огномети да сакаа да испукаат од моите гради од радост и среќа!!! Му бев бескрајно благодарна и нему, и на Бога за тоа чудо.

Голема помош имав од препораките на драгата, за жал прерано почината, Елена Мисиркова која во тој период живееше во Виена и секако професорот Валери Стефановски кому му бев исто така многу благодарна.

Така започна мојот контакт со Г-н Костовски и неговото семејство кои лично ги запознав истата таа година но дури кон крајот на годината, сосема случајно, на еден прием на ФМУ, каде што почнав да работам во Септември 1995 година како помлад асистент.

Семејството Костовски подоцна финансираше уште една година студиски престој во Париз и потоа уште цели пост-дипломски студии во Детмолд, Германија, како и мојот прв соло компакт диск.

Сево ова го пишувам поради најновата афера со банката и многуте негативни коментари кои ги читам во врска со семејството Костовски. Мислам дека апсолутно не смееме да заборавиме дека семејството Костовски е едно од најретките семејства кои безрезервно помогале на многу уметници, музичари (не сум само јас!), кое има страшно многу инвестирано во Македонија на безброј различни полиња: од фабрики, до цркви, улици и што уште не“, напиша Хајди Елзесер.

Трифун Костовски вчера се потсети на неговиот другар Вања Бојков, со кого го создадоа шампионскиот тим, Кометал Ѓорче Петров:

„ДРУГАРУВАЊА. Мојот Другар Вања. Другарувањето со Вања отпочна уште во раните 60-ти години, најпрво во школските клупи, а потоа во сите сфери на нашето живеење.
Комуникацијата меѓу нас се изгуби кога заминав на печалба надвор од Македонија.

При првата средба која се случи на аеродромот во Виена, другарувањето ни продолжи како пред тоа да не постоел никаков временски период помеѓу. Човек наоружан со сите човечки атрибути, чесност, принципиелност и посветеност.

Неговата посветеност дојде до израз со носењето на шампионската титула во Скопје.
Вања во себе имаше вграден систем да препознава вредности во луѓето, а посебно во ракометарките.

Сите кралици на Шампионскиот тим Кометал-Ѓорче Петров се дело на умешноста на Вања да препознае квалитет и да сето тоа го вклопи во тимска солидарност и посветеност.

Многумина како мене вложиле и поголеми пари да освојат титула, меѓутоа без вистински луѓе во тимот, таа цел е тешко остварлива. Среќата беше моја што го имав Вања до мене.

Мене и Вања не врзуваат многу нешта во кои би ги издвоил трите најбитни: музиката, спортот и посветеноста. Обајцата го сакаме животот, во вистинска смисла на зборот.“

Претходна статијаАлачки Адријана и Ирена Спасовска повторно заедно
Следна статијаЛидија Кочовска: Душата ми гори, ама се трудам да се смеам