Во тек се ублажување на рестриктивните мерки во Србија, кои Владата ги воведе како борба против ковид-19. Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека наскоро ќе се укине вонредната состојба во земјата, но мерки на претпазливост од вирусот ќе има.
Брнабиќ во изјава на телевизија Прва, рече дека охрабрувачки е трендот на намалување на новозаболени со коронавирусот и нагласи дека паралелно со релаксирањето на мерките треба да има висок степен на лична одговорност кај граѓаните.
Како што рече таа, и по укинувањето на вонредната состојба и понатаму на сила ќе бидат мерките на претпазливост, како носење на заштитни маски, заштитна опрема, зголемена хигиена и дезинфекција
Српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека вонредната состојба во земјата најверојатно ќе биде укината на Ѓурѓовден, на 6 мај.
Тој соопшти дека потпишаниот предлог од страна на претседателот и премиерот, во среда ќе биде доставен до Собранието и дека тогаш се очекува укинување на вонредната состојба, што ќе стапи на сила во четврток.
„Ова би значело дека од четврток ќе немаме полициски час“, рече Вучиќ на ТВ Пинк.
„Секако дека на луѓето им беше тешко постојано да седат дома, но тоа беше единствениот начин да ги сочуваме нашите родители, да ги сочуваме и помладите, и мислам дека во најголем дел успеавме“, рече српскиот претседател.
Претседателот претходно образложи дека на државата ѝ било многу важно мислењето на струката кога е во прашање епидемијата од корона вирусот.
„Ние се определивме за заштита на животот. Замислете да го направевме она што го направи Шведска, која има повеќе од 3.000 мртви“, истакна претседателот Вучиќ. „Не го намалувавме бројот на мртвите, не го намалувавме бројот на тестовите“, додаде тој.
Тој рече дека сега многу помасовно се тестира за да се откријат поголем број пациенти со полесни симптоми.