По објавените најнови резултат, денес е еден од ретките денови од почетокот на пандемијата со коронавирус кога во нашата земја не е регистрирана нова жртва. Министерството за здравство објави дека 29 пациенти се излекувале со што вкупниот број оздравени достигна 301. Четворица од нив биле хоспитализирани, додека 25 се лекувале дома.
Со тоа процентот на излекувани сега е неколку пати повисок од процентот на починати, поточно 23,15%,, наспроти 4,31%.
Од 649 извршени тестови за 24 часа, 41 се позитивни, со што вкупниот број заразени лица кај нас достигна 1.300. Географската распределба на новите случаи е следна: 17 во Скопје, 11 во Куманово, 5 во Прилеп, 3 во Тетово и по еден во Кавадарци, Крива Паланка, Неготино, Кичево и Гостивар.
Во државен карантин остануваат 1.653 лица бидејќи денес се пуштени дома 234 лица, додека 20 други се примени. Од почетокот на кризата како резултат на „Ковид-19“, со одлука на Државниот инспекторат во изолација се сместени вкупно 4.288 граѓани. Има и намалување на бројот на оние кои се во самоизолација.
Од почетокот на кризата 8.850 граѓани потпишаа декларација за самоизолација, од кои 6.591 се веќе ослободени од таа обврска, додека 2.259 и понатаму мора да останат дома.
Градоначалникот на општина Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев добил два негативни резултати од тестирањата на коронавирусот, со што по двонеделната домашна изолација од утре ќе се врати на вообичаените работни активности.
-Денеска ги добив резултатите од двата теста направени во Институтот за јавно здравје кои не покажуваат присуство на вирусот. Во текот на изминатите две недели, додека бев во карантин, воопшто немав симптоми на КОВИД-19, но се придржував кон мерките за заштита. Исти се резултатите и кај мојата сопруга, поради што сметам дека непотребна беше целата паника и негативните ставови во јавноста за мене и за членовите на моето семејство, истакна Крстев.
На почетокот од овој месец, Крстев направи две тестирања во приватни клиники, откако кон крајот на март бил кај фризерот од Кочани кој почина на Клиниката за инфективни болести како последица од коронавирусот. Тогаш резултатите од тестирањата на градоначалникот беа позитивни.
Во меѓувреме, вработените во општинската администрација на Чешиново-Облешево, кои исто така беа во двонеделна домашна изолација, од почетокот на оваа недела постепено се враќаат на работните места, а општинските служби се комплетираат и нормално функционираат.