Како што претходно беше најавено, денес попладнево во 16 часот заппочна 85-часовниот полициски час за сите граѓани на територија на целата држава.
Забраната и посебниот режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на претстојниот христијански празник Велигден, ќе трае до 21 април 2020 година (вторник) до 05:00 часот.
Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите околу верските храмови за време на претстојниот празник.
Од вчера во 16:00 часот до 05:00 часот во вторник 21 април е забрането движење и групирање во сите паркови, излетнички места, места за рекреација во националните паркови и шуми, како и викенд населбите.
За лицата над 67-годишна возраст останува активна забраната во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие и за сите други граѓани има целосна забрана.
За сите лица до 18 години останува активна забраната за движење во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие и за сите други лица има целосна забрана.
За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.
Од денеска се воведува забрана за движење во шуми и шумско земјиште поради зголемената опасност од појава на пожари на отворен простор.
Забраната ќе важи од 06 до 20 часот, а ваквата одлука е донесена по барање на јавното претпријатие „Национални шуми“.
Забраната не важи за вработените во ЈП „Национални шуми“ и за субјектите кои вршат шумскокултурни активности на површините со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“, како и за лицата кои што имаат писмено одобрение за движење во шумите со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“.
Оние кои нема да ја почитуваат забраната и ќе бидат затекнати, ќе им биде изречена глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.
Се забранува и палење на стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште како превентивна мерка за заштита од појава на пожари на отворен простор. За непочитување на одредбите од Законот за ловството се предвидува глоба од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност.
Велигден или Воскресение Христово — најважниот верски празник во православниот календар. Христијанските верници со овој празник го прославуваат воскреснувањето на нивниот бог Исус Христос по неговата смрт со распнување околу 27-33 година н.е.
Тоа се случило на третиот ден по неговата смрт, сметајќи го и денот на смртта т.е. првиот ден недела по Велики петок.
Сите христијани на тој ден се поздравуваат со поздравот „Христос воскресна“ на што се одговара „Навистина воскресна“.