Претседателот Стево Пендаросвки во обраќање до нацијата рече вонредната состојба ќе трае 30 дена, а доколку има потреба може да се продолжи и за уште 30. Тој очекува од Владата да биде на ниво на задачата и да одолее на искушението што го носи оваа состојба.
Вонредна состојба на цела територија на државата прогласи денеска претседателот Стево Пендаровски со цел заштита, превенција и справување со економските последици од ширење на коронавирусот.
Пендаровски во телевизиското обраќање до јавноста истакна дека оваа вонредна состојба ќе биде на сила 30 дена и дека ќе очекува редовни извештаи од Владата за преземените мерки и резултатите од нив.
По ова на социјалните мрежи се огласи Министерот за Здравство, Венко Филипче и објасни што значи новата ситуациај:
Ја поздравувам одлуката на Претседателот Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба. Сега Владата ќе може брзо и ефикасно да управува со ресурсите на државата и навремено да реагира на предизвиците кои ни претстојат и на здравствен и на економски план.
Што значи вонредна состојба?
Вонредна состојба значи дека Владата добива и Законодавна и Извршна власт. Со тоа, се олеснува работата на Владата во време на кризи и истата може да носи одлуки за добро на граѓаните многу побрзо и поефикасно.
Како Владата го прави тоа?
Преку носење на Уредби со сила на закон, кои важат само додека трае вонредната состојба.
Дали ќе има полициски час или ограничување на движењето?
Во овој момент нема таква одлука, следете ги сите понатамошни одлуки на Владата и ќе бидете информирани за евентулани ограничувања на движење.
Дали треба да направам резерви на храна?
Не, во државата има доволно резерви и на храна. Останете во своите домови, не излегувајте доколку немате потреба и купувајте онолку колку што ви треба.
Придржувајте се до мерките и препораките, само тако побрзо и полесно ќе ја надминеме оваа состојба.