До редакцијата на „Галам“ пристигна реакција од еден наш читател по она на што наидел денес при посета на регионална подружница на УЈП и на Централниот регистар.
„Утрово заминав до УЈП за да пријавам данок, но бев непријатно изненаден на она на што наидов. Имено вратата беше заклучена, а пред влезот имаше повеќе граѓани кои беа видно револтирани. Истите излегле од работа и се ослободиле за да ги завршат обврските, но наидоа на затворени врати.
Дури откако едно лице се појави на импровизиран шалтер ни објасни дека на вратите има залепено соопштени кое реално беше незабележително, со ситни букви.
Имено поради новата ситуација и Корона вирусот, решено е вработените да немаат личен контакт со странките, па доколку некој има потреба да се обрати преку телефонски број кој што беше оставен“, стои во реакцијата на нашиот читател кој што сакаше да остане анонимен.
Од Централниот регистар беше објавено соопштени во кое се вели:
Согласно заклучоците на 15-та редовна седница Владата на Република Северна Македонија и информацијата на Управувачкиот комитет за координација и управување со кризи и за преземање дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на корона вирусот по сугестија на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство,
Ве информираме дека Централниот регистар на Република Северна Македонија се вклучува во превенција од вирусот и апелираме во следниот период почесто да се користат електронските услуги на Централниот регистар, а физичката посета на шалтерите да биде направена само во случај на неодложна работа.
Воедно, Ве информираме дека ќе биде засилена телефонската и техничката поддршка од страна на сите вработени на Централниот регистар, со цел заеднички да се вклучиме во заштита и превенција од вирусот.