Бабината љубов кон првиот внук – е најсовршената љубов во светот

0

Бабината љубов е една од најискрените, најчистите и најубавите во животот на секое дете. Кинеската поговорка вели: Најсовршената љубов е љубовта на бабата кон првиот внук. И тоа е вистина. Иако класичната слика за бабите е променета, тие секогаш ќе заземаат важно место во животот на децата.

Кога ќе го добијат првиот внук, некои жени чувствуваат дека со тоа започнала нивната старост. Меѓутоа, првиот контакт со малото дете им го исполнува животот и му дава смисла. Бабите тогаш сфаќаат дека не само што ги одгледале своите деца, туку доживеале и да го видат продолжетокот на својата лоза.

Бабите се трудат да бидат поддршка и помош во животот на малиот нов човек.
Имајте во предвид дека денешните баби водат активен живот и многумина од нив сè уште работат и покрај другите улоги кои ги имаат во животот.

Порано бабите претежно беа дома, главно домаќинки, а нивната главна улога беше грижата околу домот и одгледувањето на внуците. Бабите готвеа, месеа, сукаа, тегнеа, плетеа убави џемпери за внуците, шалови, капи и се што можеше од волница да се направи.

За девојчињата везеа украсни чаршави, прекривки и што ли уште не, за чејзот на внуката. Ова беше дел од традицијата. Со другите баби во предвечерието седеа на клупите во маалото со своите внуци во скутот и си разменуваа рецепти или плетки.

Наутро стануваа да им подготват појадок и ги носеа поголемите внуци во училиште, а потоа трпеливо ги пречекуваа за да ги вратат дома.

Порано бабите играа многу голема улога во животот на внуците, а и денес не е многу голема разликата, со тоа што улогите на бабите во семејството се променети.

Порано ако било нормално да се стане баба на млади години, денес на тоа се гледа малку поинаку, бидејќи жената е сè уште работоспособна, има социјален живот, не е заседната дома, туку излегува со пријателките и има активен живот.

Кога жената ќе ја достигне оваа фаза, односот помеѓу мајката и ќерката се подобрува и поправа. Тие стануваат пријателки, подготвени се да разменат искуства.

Треба да се напомене дека бабите играат важна улога во животот на своите внуци, бидејќи се нивна голема емотивна поддршка.

Затоа родителите треба да го признаат нивниот труд и да бидат внимателни кон постарата генерација. Треба истото тоа да им го всадат и на сопствените деца.

Бабите сакаат да ја стекнат љубовта на своите внуци и да им посветат што повеќе време. Тие се полни со нежност, но се обидуваат исто така, да пронајдат и рамнотежа помеѓу поврзаноста и слободата, без притоа да ја изгубат својата волшебна улога.
Какви се вашите најубавите спомени од баба ви?

И.П. Фото: Илустрација

Авторски текст, не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.

Претходна статијаЉубица, сопругата на Кире Лазаров откри како се запознале и зборуваше за нивниот живот
Следна статијаШоферот Илчо од Виница кој еднаш неделно вози патници за Италија со порака до нив