Следната недела е Прочка, а од понеделник започнува Великиот пост – еве колку трае и што се јаде

0

Велигденски пост или пост за Велигден првпат се споменува на крајот од II век. Тој траел само три дена, вели свети Иринеј Лионски (+202г.) и сите го постеле. Така се постело во III век, во „спомен на Христовите страдања“, вели и Тертулијан (+220г.)

Кон крајот на III век, во Сирија се спомнува Велигденски пост којшто траел една седмица. А во средината на IV век, веќе се спомнува Велигденски пост од 40 дена. За тоа пишува историчарот Евсевиј Кесариски (+340г.) и свети Атанасиј Велики (+373г.) во Велигденските посланија. Дури во V век е оформен сегашниов Велигденски пост – Велика Четириесетница.

Велигденскиот пост опфаќа 7 недели, односно 7 седмици. Трае 48 дена, од Прочка до Велигден. Тогаш, зошто се нарекува Четириесетница? Затоа што по 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост, заради деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа. Таа се нарекува Страдална или Страстна седмица.

Севкупно Велигденскиот пост ги опфаќа Четириесетницата и Страстната седмица. Велигденскиот пост нема свој постојан датум, туку зависи од определениот датум на Велигден. Тој е негова претходница и подготовка.

Првата недела на постот се вика Недела на Православието. Втората е Недела на свети Григориј Палама. Третата е Крстопоклона – Недела на Чесниот Крст, кога вернициите се поклонуваат и го целивааат изнесениот крст на богослужбата. Четвртата е на свети Јован Лествичник и во неа се преминува средината на постот. Петтата е на света Марија Египќанка.

Шестата седмица е Цветна (Цветници), наречена така според цвеќето и зелените гранчиња што ги фрлале децата и луѓето пред Христа при Неговото влегување во Ерусалим. Седмата е последна седмица пред Велигден, наречена Страдална, Страстна или Велика недела.

Веќе се најавува блискоста на Велигден. Деновите во таа седмица се именуваат како Велики: Од Велики понеделник, до Велика сабота. Секој ден е поврзан со настаните од последните дни на Господа Исус Христос. Особено се значајни последните три дена:

Велики четврток, кога бил фатен по Тајната вечера. Велики петок, кога бил суден, тепан, мачен, распнат, умрел и бил погребан. Единствено тогаш пред луѓето се изнесува Плаштеницата со која било обвиткано и погребано Христовото тело.

Велика сабота е последниот ден и последната подготовка за Празникот над празниците, а Христос е во гробот од каде ќе воскресне.

Велигденскиот пост започнал од две причини и со две цели:

1. Да се подготват оние што требало да бидат крстени на Велигден, а кои во текот на постот биле поучувани во верата и во христијанскиот живот и биле огласени за крштение.

2. Крстените, пак, да се подготват за Велигден – за Воскресението Христово, за Празникот што претставува основа на верата. Христијанската вера е вера во воскресението. Тоа му дава смисла и цел на христијанскиот живот.

А Велигден е празник на Воскресението и на Животот. Нова Пасха. Премин од привременото во вечното живеење. Тие што се со Христа овде, ќе бидат со Него и во вечноста.

Постот е време на соединување со Бога – Причестување, Заедничарење, Благодарење – Евхаристија.

Постот е како човекот: телесен и духовен. Со две природи: за телото и за душата. Постиме од гревовноста и од мрсноста.

Се пости на вода, освен во сабота и недела, кога се дозволува масло (зејтин) и вино. Масло и вино се допушта и на празниците: Упокоение на свети Кирил Солунски, Наоѓање на главата на свети Јован Крстител, свети Агатангел Битолски, Младенци Собор на свети архангел Гаврил, света Лидија Македонска, Упокение на свети Методиј Солунски и на храмов или домашен празник. Масло се допушта и на „преполовение“ на постот и на Велики Четврток заради Тајната вечера. Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.

Првите три дена – тримери (понеделник, вторник и среда) не јадат ништо, оние што доброволно одлучиле да не јадат, а не е обврска за сите. Таквите, во средата, по Литургијата, најпрво вкусуваат една лажичка светена вода на Водици (агјазма), а потоа Причест.

Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.

Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.Телесниот пост значи во сите денови воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови, воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.

Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло, сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл.

Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од православен свештенослужител. Од постот не се ослободува, туку тој се олеснува. Никако не се допушта месо.

Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната со животинско потекло.

Постот е потреба и за телесното и за духовното здравје. И најважно, постот не е само воздржување и одрекување од храна, туку е важен и духовниот пост – одрекувањето и воздржувањето од секое зло и грев. Во тие дни треба да се испитаме себеси, да се воздржиме од лошите мисли, зборови и дела, да се покаеме и да се исповедаме. Да се измириме и да се очистиме. Духовно да се зајакнеме и да се збогатиме. Да правиме добри дела и да покажеме љубов кон Бога и кон луѓето.

Од телесниот пост може да бидеме и ослободени, но од духовниот пост – никако и никој, од никого, па дури ни ангел од небото не може да нè ослободи. Свети Јован Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него. Тој не е страшен за нас, туку за лошите духови.“

Затоа и Исус Христос рекол: „Овој род се истерува само со пост и со молитва“ (Матеј 17, 21).

Постот на Страстната седмица. Велигденскиот пост завршува пред Страстната седмица која се издвојува во посебна седмица на страданијата. Постот, според поставениот ред, ги завршува своите 40 дена во петокот пред Лазарева сабота (во VI седмица).

Тие последни денови пред Велигден се поминуваат во строго постење, според зборовите на Господ Исус Христос, којшто рекол: „Но, ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш, во тие дни, ќе постат“ (Лука 5,35; Марко 2,19-20; Матеј 9,15).

Апостолските правила, Велигденскиот пост го нарекуваат Велика/Голема Четириесетница на која се надоврзува Страстната седмица, постејќи со страв и трепет.

„Четириесетница е до седумте дена пред Пасха. Потоа, шесте дни до Пасха целиот народ ги поминува во сувојадење“, вели свети Епифаниј Кипарски.

На Велики Четврток, се јаде еднаш дневно и тоа по завршувањето на Светата Литургија. На Велики Петoк, по своја волја, некои верници не јадат ништо до зајдисонце.

Велика Сабота е единствената сабота во која се пости со пост на вода, а оние што можат, остануваат цел ден на суво јадење.

Богослужението во Велигденскиот пост е различно од секојдневното, вон постот. Тие дни се денови на пост, покајание и проштевање. Богослужбите не се свечени, раскошни и славни. Свештениците се облечени во темни и црни одежди.

Се прават поклони со наведнување на главата до појасот – мали (допојасни) поклони, кога со десната рака ја допираш земјата или големи поклони кога се наведнува главата до земја (доземни поклони) на колена. На богослужбите има многу читање, а не само пеење, како обично.

Секојдневниот богослужен ред е подолг од вообичаеното. Сите служби во текот на денот се збогатени со дополнителни молитви за покајание и со повеќе метании – поклони до земја.

Секоја среда и петок се служи Литургија на предосветените дарови, напишана Литургија од свети Григориј Двоеслов, папа Римски. Таа се служи за да можат верниците почесто да се причестуваат во постот.

Секој петок попладне, во црква се чита Акатист на Пресвета Богородица, а оној што не може да појде в црква, може да го прочита Акатистот и дома, но подобро е в црква. Во саботите и неделите не се прават поклони до земја и се служи Литургија на свети Василиј Велики.

Последната недела пред Страстната седмица, Неделата Цветна (на Цветници), се служи Златоустова литургија.

Секој ден од Страстната седмица се служи Литургија, освен на Велики Петок, кога Христос е распнат, ум рел и бил погребан. На Велики Понеделник, Велики Вторник и Велика Среда се служи Литургија на предосветените дарови.

А на Велики Четврток и на Велика Сабота – Василиева литургија. Овие два дена се причестуваат најмногу верници. Затоа што тие се последните две литургии во постот и затоа што на Велики Четврток е востановена Светата причест, на Тајната Вечера, а Велика Сабота е единствената сабота што се пости строг пост и затоа што сакаат верниците причестени да го пречекаат Христовото воскресение – Велигден.

Постот не е диета. Неговата цел и задача е друга. Не се пости за да се слабее, туку за да се зајакне духот и за да се претпочита духовното над телесното. Но, се разбира, тоа воздржување во текот на постот може да придонесе и за зацврстување на волјата и за решеноста да се храниме поумерено и поздраво.

Добро е да се користи разновидна храна и за време на постот. Сите сме различни во односот кон храната и во односот на храната кон нас и кон нашиот организам. За некого храната се лепи веднаш, а за друг не. Важно е и воздржувањето од количината во исхраната. Таа навика ќе помогне. Сигурно е дека постењето е здраво и корисно.

Постењето не е само воздржување од мрсна храна или нејадење, оти и ѓаволот воопшто не јаде, ама јаде души човечки и е полн со злоба, па не може да се спаси.

Затоа, кога постиш, не завидувај, туку радувај се; не осудувај, туку проштевај; не прави неправда, туку помагај; не отфрлај, туку поткрепувај; не скарувај, туку смирувај; не навредувај, туку пофалувај итн. Зашто, каква е ползата што не јадеш месо, ако го јадеш брата си?

Постот е време на духовна будност, очистување, покајание, молитва, подвизи и добри дела. Тој е неразделно поврзан со молитва, со читање духовни книги, со дела на милост и љубов кон ближниот, духовни разговори, посета на богослужби, читање и проучување на Светото писмо, посета на часови по веронаука и верски поуки и правење добро.

Најдобро е така христијански да живееме постојано, но ако во тоа не успеваме, тогаш постот е најдобар период за вежбање во доброто и придржување кон тоа, за да ни постане доброто навика и да биде наш начин на живеење. Добро е во тој период да се воздржиме од вообичаените лоши навики, недостатоци и пороци.

Да ги контролираме страстите. Да не говориме неумесни зборови, пцости и шеги; да не гледаме премногу телевизија, особено, она што е непотребно, непристојно и соблазнително; да одбегнуваме кавги и расправии; да го отфрламе гневот и злобата; да го оставиме пушењето или да го смалиме; да се воздржиме од алкохолни пијалoци или да се ползуваат умерено; да се одбегнува секое зломислие, злочувство и злодело. Да мислиме повеќе на духовното, отколку на телесното – повеќе за душата, отколку за телото.

Претходна статијаВасил Стерјовски: Бугарија врши агресивна политика на асимилација на Македонците
Следна статијаНајдобриот газда на Балканот на децата на вработените им купил лаптопи, но и уште нешто