Свадба за многумина е еден од најголемите денови во животот, а за да помине една свадба неминовно е покрај невеста и момче, да има и кум.
Верувам и на вас многумина може би им се има случено ваква ситуација или барем случајна. Имено пред извесен период еден мој другар се реши да „стапи на лудиот камен“ и да прави свадба. Направи веридба, честито, се како што е редот. Прославивме, но тука го снема, цели два-три месеци.
Во меѓувреме дознав дека закажал свадба и ми кажа да си планирам дека сум канет. Во меѓувреме наближуваше денот на свадбата, а како што е традицијата другарот правеше ергенска вечер. Но ете за воља на вистината, мене не ме покани, но што е, тука е.
Но вистинското изненадување се случи на пет дена пред свадбата. Ми се јавува другарот и преку телфон ми вели:
„Здраво другар, јас имам едно прашање за тебе, дали сакаш да станеме роди, да го овековечиме нашето пријателство за нешто повеќе, да ми бидеш кум“.
Јас вака го слушам и не ми се верува. Па со кое лице ми се јавува на пет дена пред свадбата, а претходно го немаше жив. Тој ги свртел сите можни комбинации и откако добил негативен одговор, па ајде на крај да се обиде со мене како „сигурна комбинација“.
Јас уште во прв момент немав дилеми за одговорот. Истиот беше негативен, со изговор дека многу е доцно, немам финансии и не се подготвува тук-така за Кум. Но всушност сето тоа беше изговор, сето тоа можам да го надминам, но не и тоа дека цело време ме игнорираше и предност даваше на некои други другари, поточно на „лажни другари“.
Една од најважните улоги на свадбата ја имаат кумовите. Во минатото кумството се наследувало, а денес најчесто во Македонија, прво се прашува стариот кум на младоженецот дали би сакал повторно да биде кум и да го венча. Во поново време многу почесто кумот е личен избор на самите млади, а тоа е најчесто некој добар другар/другарка на младоженецот или невестата.
Автор: С.С. ФОТО: Илустрација
Авторски текст, не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.