Катица Јанева: Ве молам судија, никогаш не сум ве молела

0

Aудиоснимки од три фолдери на УСБ-меморијата на Зоран Милески-Кичеец, во времетраење од два часа и десет минути, ќе останат тајна за новинарите и пошироката јавност. Ова доаѓа откако денеска, на изненадување на јавноста, обвинителката Вилма Русковска побара јавноста да биде исклучена.

Станува збор за снимки што Русковска првично не ги предлагаше како доказ, а по реакциите на одбраната таа вчера предложи тие да бидат изведени.

Но, останува нејасно дали со нејзината вчерашна изјава таа алудираше снимките да се изведат јавно или само да се изведат како доказ во судница.

„Одбраната и обвинетите направија голем проблем околу тоа. Сметав дека прикажувањето на тие разговори е непотребно одолговлекување на постапката. Сепак, поради јавноста, и да нема никакво сомнение во тоа дека обвинителството не сака да прикаже некакви докази кои наводно одат во корист на одбраната, предложив тие снимки да се слушнат и мило ми е што судијката прифати“, гласи вчерашната изјава на Вилма Русковска.

Денеска во судница, кога таа побара овие снимки да се пуштат зад затворени врати, во образложението рече дека се слушаат имиња на луѓе чиј углед може да биде нарушен.

На ваквото нејзино барање реагираше целата одбрана.

„Нема ништо што е загрозувачко во снимките. Слушани се од наша страна, преслушани се. Ако не се запознае јавноста, која е целта да се слушне?“, реагираше Катица Јанева.

Судијката Васка Николовска-Масевска, пак, ѝ одговори дека пресудата на крај ја носи судечкиот совет, а не јавноста.

„Затоа поентата е да се убедени судечкиот совет, целта на судењето е обвинителството да го убедува дека обвинетите се виновни, а одбраната дека не се виновни“, рече судијката.

Додека таа зборуваше, Јанева ја прекинуваше: „Ве молам, судија, никогаш не сум ве молела“.

Реагираа и нејзините адвокати, но и првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13, кој не ги слушал снимките бидејќи е во притвор.

„Треба да биде оставена јавноста, би навел како причина за да се спречат какви било шпекулации. Јас не сум ги слушнал снимките, и вие како судечки совет не сте ги слушале, вие го имате последниот збор, но во овој случај се изнаслушавме толку шпекулации од страна на јавноста и медиумите, толку сме изложени, јас, моето семејство, пријатели и недолжни луѓе, што сметам дека треба да бидат пуштени пред јавноста“, рече Боки.

И покрај инсистирањето, судечкиот совет на крај одлучи јавноста да се исклучи повикувајќи се на наводите на Русковска дека се инволвирани лица чиј углед може да се наруши, а кои не се инволвирани во кривично-правниот предмет.

Претходна статијаКројачот Сотир од Тетово работи и на 78 години: Никој не прашува да дојде да научи, не постои такво нешто
Следна статијаУченик добил милиони во обложувалница, па она што го направил неговиот татко ќе ве остави без зборови