Кројачот Сотир од Тетово работи и на 78 години: Никој не прашува да дојде да научи, не постои такво нешто

0

Еден од тетовските занаетчии кројачи е Сотир Калков кој, иако има 78 години, секојдневно работи во својата кројачка работилница во Ајдучко Маало во Тетово.

Тој вели дека сите оние што го работат овој занает се повозрасни луѓе над 50 години и дека со децении во кројачкиот занает не се појавил млад човек да биде чирак – да го изучува занаетот при мајстор. Како и голем број занаети, и овој е во опасност од изумирање затоа што нема кој да ги наследи мајсторите.

– Јас кога ќе одлучам дека нема да работам, нели со оглед на години, ќе ги продадам сите машини и ќе се затвори работилницата. Такви примери веќе има многу низ Тетово, нема да бидам прв, но и сите други занаетчии ќе го направат истото верувам, нема кој да го продолжи занаетот. Младите не се заинтересирани за ваков вид работа. Никој не ни прашува дали сакаш да дојдам да научам. Не постои такво нешто.

Кројачкиот занает воедно пропаѓа и поради промените во светот кога станува збор за изработка на облека, смета тетовскиот кројач.

– Измислуваат нови материјали со кои еден кројач или шивач не ни може да работи. Тие ниту се шијат, ниту се пеглаат. Ни пареа прима кога се пегла, ни на суво може. Иако работам од мојата 15-та година, сега се соочувам со ситуации да не знам што да направам поради материјалот. Така е поради тоа што облеката е претежно од синтетика и кога ќе ја ставам пеглата, се гори материјалот, замислете исчезнува, се „топи“ штофот, вели тој.

Објаснува дека во материјалот за шиење и кроење изостануваат волна, памук, лен, кендер и јута. Од друга страна, вештачки создадените материјали и кај луѓето создаваат проблеми.

Тие синтетики ги запаруваат телата, па се јавуваат алергии кај луѓе од материјалите. Мојот занает ми стана чуден, раскажува нашиот соговорник.

Чичко Сотир, како што милуваат да го викаат помладите што доаѓаат да направат капути или костуми, сè уште работи со машините со кои започнал да ја работи оваа занаетчиска дејност. Неговата работилница воедно ја нарекува мини музеј на антиквитети што се во фунционална состојба и тој работи секојдневно со нив.

Целата сторија проследете ја на Сител ТВ

Претходна статијаИлија Димовски: Најсилно вика држете го крадецот, оној кој е најголем крадец
Следна статијаКатица Јанева: Ве молам судија, никогаш не сум ве молела