ПОУЧНА ПРИКАЗНА: Старецот и дрвената чинија
Си бил еден старец кој живеел со својот син, снаата и внукот. Кога западнал во многу длабока старост, започнале да му се тресат рацете и веќе не бил во состојба нормално да јаде.
Станал сенилен и поради тресењето, честопати му испаѓале работите од раце. Така, еден ден, додека сите ручале, старецот ја испуштил чинијата со храна од која јадел.
Таа паднала наземи и се скршила на парчиња, а храната се разлеала на подот.
Кога го видела ова снаата, многу се налутила и побарала од својот маж да најде некакво решение за овој проблем што го имаат со старецот.
Синот размислувал, па одлучил на татка си да му направи дрвена чинија, за да не ја истура храната на маса, а ако му падне, да не се скрши чинијата.
Како минувало времето, тие постепено започнале да го одбегнуваат старецот и да го тераат сам да јаде, одвоен од семејството.
Старецот станал многу тажен, бидејќи се почувствувал отфрлен, токму во староста кога бил немоќен и кога му била потребна помош од најблиските.
Како минувало времето, сè повеќе се зголемувале забраните кои му биле наметнувани од неговиот син и снаата, што тој веќе не можел да ги поднесе, па почнал да ја одбива храната…
Секојдневно тој венеел и слабеел, а по неколку месеци, едно утро воопшто не ги отворил очите.
Откако завршиле церемониите направени за неговото последно испраќање и збогување со фамилијата, двајцата сопружници одлучиле да се ослободат од старите дедови работи, да ги подарат на сиромашните или да ги фрлат во ѓубре.
Одненадеж дотрчал внукот и ја зел дрвената чинија, по што таткото се изненадил и го прашал синот: ”Што ќе ти е таа дрвена чинија?”
На тоа момчето му одговорило:
“Сакам да ја сочувам, за да можам со неа да те хранам тебе или мајка ми кога ќе остарите како дедо”, му одговорило тоа.
И.П.