Редици пред германската амбасада во Скопје: Да имаше плати од 500 до 600 евра во Македонија, никој не би одел во Германија

0

Многу млади луѓе ја напуштаат Северна Македонија, пред сѐ во насока на Германија и Австрија. Се надеваат на работа и подобри плати. Еве што забележа репортерот на радиото Дојчландфунк пред германската амбасада во Скопје:

Пред германската амбасада во Скопје: Фатима со својата малолетна ќерка стои пред влезот на дипломатското претставништво – сака да поднесе барање за работна дозвола. „Речиси сите пријатели и членови на семејството ми се во Германија.“

Во Скопје може да се најде работно место, но во внатрешноста – а таа доаѓа од истокот на малата балканска држава – нема ништо. И кога има работа, најчесто работи само еден член на семејството, а од тоа не може да се живее:

„Прво ќе се занимавам со јазикот и ќе учам германски, за да зборувам како што сега зборувам македонски. Потоа ќе барам работа. Би сакал да бидам шефица во ресторан, сакам да работам со луѓе.“

Постар маж од Тетово чека на синот кој се наоѓа во зградата на амбасадата.

„Еден син е веќе заминат, овој е вториот. Ние, сопругата и јас, ќе останеме сами. Јас имам 59, таа има 60 години. За неколку години нема да можеме да работиме. Постариот син ми живее во близината на Берлин и работи како келнер во ресторан.“

Темата иселување во Германија – и во Австрија – за многу работници во Северна Македонија стана уште попривлечна од почетокот на годината, зашто има нови, поедноставни правила за доселување на стручњаци.

Од први јануари во Австрија веќе може да работат квалификувани работници од земји кои не се членки на ЕУ. Министерството за труд во Виена објави долг список од 56 различни професии – од машински техничари, преку покривачи на покриви, негуватели, сѐ до готвачи. Германија од први март стартува со слични правила.

Како возач Шефајет сега заработува околу 300 евра. Премалку, смета тој, а со тоа е согласна и фамилијата. „Овде го придружувам синот на шурата. И тој ќе замине, зашто што би правел овде?

Да имаше плати од 500 до 600 евра во Македонија, никој не би одел во Германија, иако таму се заработуваат 1500 до 2000 евра. Никој не го напушта семејството со драго срце, никој не сака да биде далеку од домот и децата.“

За Северна Македонија привлечната сила на германскиот пазар на работна сила е голема, вели Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија. Но, додава тој, многу работници не размислуваат за високите трошоци за живот во Германија:

„Магнетна сила постои, улога игра и тоа што секој има некои роднини во Германија кои раскажуваат како живеат и колку заработуваат.

Но, мора да се прави разлика, зашто овде како сума е релевантна нето-платата, а во Германија се зборува за бруто-плати. Она што е помалку познато се трошоците за живот во Германија кои се со тоа поврзани и кои на крајот водат до тоа да се биде на нула.“

Целата сторија проследете ја на Дојче веле на македонски јазик.

Претходна статијаПознато кон кој странски политичар Македонците се најблагонаклонети
Следна статијаМајката на младата Марија која исчезна: Излегла низ прозорецот, ги зела и клучевите од автомобиилот