Околу 10.000 Македонци ни криви, ни должни не може да излезат од државата

0

Околу 10.000 граѓани чекаат да им бидат издадени нови пасоши, но овој документ го нема. Алсат дознава дека резервите со пасоши се при крај, односно како резерва има 5.000 пасоши од типот А и само 300 двојазични.

Не се знае кога ќе пристигнат новите количини од германската фирма што ги изработува. Во моментов, 8.000 апликации се за македонски и уште 2.000 за албански пасоши.

Заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу вели дека резервите ќе се користат за граѓаните кои имаат здравствени проблеми, за работни визи и за други итни состојби.

„Во случаите кога е неопходно граѓанин да патува надвор од нашата земја на медицинско лекување или за неопходни вонредни состојби или околности, тие мора да поднесат посебно барање до СВР и министерството ќе ги процени случаите и резервите кои ние располагаме ќе бидат снабдени со пасоши”, рече Нухиу.

МВР веќе нарача 20 илјади нови лични карти и оттаму тврдат дека нема да има проблеми за гласањето на претстојните избори на 12 април имајќи во предвид дека околу 6.000 граѓани се во процес на вадење на овој документ.

Изработка на нови лични документи кои ќе бидат со името Република Северна Македонија ќе започне од септември 2020 година, велат од МВР за Радио Слободна Европа. Во меѓувреме се издаваат лични документи со името „Република Македонија“, кои ќе мора да се сменат до почетокот на 2024.

Пасоши и други лични документи со новото име „Република Северна Македонија“, граѓаните ќе може да извадат дури од септември, ни одговорија од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Согласно спроведената постапка за набавка и испорака на нови видови на обрасци за лични документи (патни исправи, лични карти, возачки дозволи, службен пасош, дипломатски пасош, пасош за странец, дозвола за привремен престој, дозвола за постојан престој), склучена е Рамковната спогодба на 05.12.2019 како и Договор за нарачка на 11.12.2019, помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Veridos GmBH Berlin – Германија за испорака на обрасци за лични документи.

Со изработка на нови лични документи кои ќе бидат со името Република Северна Македонија ќе се започне од септември 2020 година“, стои во писмениот одговор од МВР.

Претходна статијаМе остави за постара бе! Имам 23 години и неодамна станав самохрана мајка
Следна статијаПрофесорката Ана од Кочани: Откако е тој директор нашето училиште е постојано по портали за немили настани