Во Кривичен суд денеска продолжува судењето за „Рекет“. Беа презентирани транскрипти од комуникација меѓу екс-премиерот Зоран Заев и првоосомничениот Бојан Јовановски на крајот на април 2019 година.
„Извини, грозно е. Ги видов доказите, ова е чист рекет. Јас сум претседател на Влада и морам да постапам законски“, му пишал Заев на Боки 13.
Оваа комуникација Јовановски ја препратил на својата мајка.
Бојан Јовановски лани се допишувал со тогашниот премиер Зоран Заев. Во неколку наврати го замолува за средба, уверувајќи го дека не го злоупотребил неговото име.
Пораките во форма на фотографија ги испратил на неговата мајка, Јасмина Јовановска во средината на април 2019 година.
-Крајната одлука за нашиот однос ќе биде твоја одлука. Јас сум ти другар и пријател. Јасно кристална ми е целата конструкција. Ве молам кога ќе можете да ме примите, пишува Боки до Заев.
Тогашниот премиер му враќа дека како претседател на Влада се залага за правна држава.
-Боки ги видов доказите. Можеш ли да замислиш колку сум огорчен. Извини, но грозно е!, напишал Заев.
Јовановски пак му пишува:
-Уште еднаш да размислите и да ме примите на една средба. Никогаш не сум го злоупотребил вашето име, пишал Јовановски.
Заев, пак, му враќа:
“Ова не е дозволиво. Ова е чист рекет!”
Здравствената состојба на обвинетиот Бојан Јовановски и денес ги скара судот и одбраната. Јовановски и денес се жали дека не се чувствува добро, а поддршка за тоа доби и од неговиот адвокат.
Но судијката Васка Николовска-Масевска не попушта и е децидна дека ако Јовановски е донесен во судница значи може да го следи судењето.
За разлика од вчера кога беше отсутен и кога од затворот до судот беше испратено известување од лекар дека тој не може да следи судење, таков документ денес никој не ѝ испратил на судијката.