Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 3 февруари.
Денеска е Св. Симеон Богопримец и св. пророчица Ана.
Црквата сочувала еден благочестив обичај, во деновите после големите празници да ги слави оние личности што учествувале во тој празник. Поради тоа, веднаш после празникот Сретение се слават свети Симеон Богопримец и света пророчица Ана. Тие се првите луѓе што го познаа Помазаникот Божји, или Христос, во смирениот човек Исус.
Овој светител се смета за заштитник на децата, па православните верници денеска обично му се молат со две молитви – едната за малите деца, едната за болните деца.
Во времето на мисирскиот цар Птоломеј Филаделф овој Симеон беше избран како еден од прочуените Седумдесетмина на коишто им беше доверена работата на преведување на Библијата од еврејски на грчки јазик. Симеон ја работеше својата работа совесно, но кога го преведуваше Пророкот Исаија и дојде до пророштвото: „Еве девица ќе зачне и ќе роди син“, тој се збуни, зеде нож за да го избрише зборот „девица“ и го замени со „млада жена“ за така и да го преведе на грчки. Но во тој миг му се јави ангел Божји и го задржа од неговата намера, објаснувајќи му дека пророштвото е вистинито и дека запишаното е точно. А дека е вистинито и точно, му кажа Божјиот известител дека ќе се увери и самиот, зашто по Божја волја нема да умре дури не Го види Месијата роден од девојка.
Праведниот Симеон му се израдува на ваквиот глас од небото, го остави пророштвото неизменето и Му заблагодари на Бога што го удостојува да доживее да Го види Ветениот. Кога Исус како Младенец беше донесен во ерусалимскиот храм од Дева Марија, за ова Духот Божји му јави на старецот Симеон, кој тогаш беше престарен и бел како лебед. Симеон брзо отиде во храмот и таму Ја препозна Дева со Младенецот, според светлината што зрачеше од нив како ореол. Радосен старецот Го зеде Христа на своите раце и Го замоли Бога да го отпушти од овој живот: „Сега отпушти го Твојот слуга, Господи, според зборовите Твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое“. Овде се најде и пророчицата Ана, ќерка Фануилова, којашто и самата Го позна Месијата и му Го објави на народот. Ана тогаш имаше осумдесет и четири години. Наскоро потоа Свети Симеон се престави. Праведниот старец Симеон се смета за заштитник на малите деца.
Светите маченици Адријан и Евул
затворените христијани и да ги охрабрат и утешат. Но и нив ги фатија и ги осудија на смрт. Адријан го убија со меч, а Евул го фрлија на ѕверовите во 309 година. И така, не жалејќи по овој живот, чесно и радосно преминаа во вечниот.
Свети Николај Јапонски
Мисионерите Православната Црква често ги нарекува „рамноапостолни“, односно оние кои се трудат со ревноста и на начинот на првите апостоли. Понеодамнешен пример за ваков светител е свети Николај, кој му ја донесе светлината на Православието на јапонскиот народ. Роден е на 1 август 1836 година во Смоленскиот регион во Русија. Матурираше како првенец, а во 1856 почна студии на Богословската академија во Санкт Петербург. Таму прочита соопштение во кое се бараше некој да служи како главен свештеник во црквата на Руската амбасада во Јапонија, на коешто се одзва. Во Јапонија тој започна со сериозно изучување на јазикот, културата и историјата на земјата.
По неколку години интензивно учење, о. Николај преобрати во Православието еден самурај, зет на шинто свештеник, заедно со уште двајца други. Светителот не се обидуваше да покрстува голем број на луѓе, туку се стремеше оние што ќе ги преобрати да бидат цврсти во верата. Овие први покрстени потоа му помагаа како вероучители, и тој наскоро имаше група од 15 христијани, а во 1873 година бројот на православните верници достигна 1000 души. Вероучителите, како нови апостоли, проповедаа и вршеа служби во домовите и ги користеа тие домови како мисионерски центри. На овој начин беа основани над 250 мисии за време на животот на свети Николај.
Тој исто така основа и верски училишта, а во 1878 година отвори богословска семинарија за образование на јапонското свештенство. Покрај богословските науки, тука се изучуваа и јапонскиот, кинескиот и рускиот јазик, како подготовка за преводот на сите делови од Светото Писмо, како и на други неопходни текстови. Во 1880 година свети Николај беше ракоположен за прв епископ на Јапонија, а веќе во 1884 година почна со изградба на прекрасен соборен храм во Токио, посветен на Христовото Воскресение, кој беше завршен и осветен во 1891 година. Руско-јапонската војна од 1904-1905 година беше испит за свети Николај и за православните христијани во Јапонија.
Со длабоко расудување, тој им дозволи на свештениците да вршат Молебни за победа на Јапонија, додека самиот не учествуваше во нив. Иако му беше понудена заштита од страна на Русите, тој ја одби, претпочитајќи да остане со својата паства. Во 1906 г. владиката Николај беше воздигнат во чин на Архиепископ. Се упокои на 3 февруари 1910 година.
Света Веребурга
Света Веребурга била ќерка на Вулфер, кралот на Мерсија, и на света Ерменилда, ќерката на Еркомберт, кралот на Кент, и на света Сезбурга. Во неа била собрана кралската крв од сите големи саксонски кралеви, но уште од мала, слава за неа бил презирот кон суетниот свет, затоа што со сето срце Го љубела Бог. Имала тројца браќа, Вулфаде и Руфин, кои умреле како маченици, и Кенред, кој преподобно го завршил својот земен живот во Рим. Веребурга ги надминувала своите браќа во ревноста и разумот.
Била смерна, послушна и кротка, поминувала многу часови во молитва на колена, во својата одаја. Нејзината убавина и исклучителните дарови, кои станувале сe повоочливи во блесокот на нејзината чесност, ? донеле многу додворувачи за брак. Но, света Веребурга останала непоколеблива во својата намера целосно да Му се посвети на Бог. Придружувана од сите дворјани и од татко ?, таа стапила во манастирот во Или, а на портите од манастирот ги пречекала светата игуменија Одри, заедно со целото сестринство. Била најголем пример на кротост, смирение, трпение и чистота. Се упокоила на 16 февруари 699 година.
Свети Ансгариј Германски
Свети Ансгариј, евангелистот на Скандинавските земји, е роден близу Амиенс, Пикардија, Франција, во 801 година, а се упокоил во Бремен, Германија, на 3/16 февруари 865 година. Како младо момче од благородничко семејство, бил примен во манастирот Корби во Пикардија и бил образован од свети Авелард и Пасхазиј Радберт.
Во Франција имало повик за свештеник-мисионер, па Ансгариј, како млад монах, доброволно се пријавил. Опремени со шатори и со книги, Ансгариј и уште еден монах тргнале во 826 година и основале училиште во Данска. Овде починал сотрудникот на Ансгариј и тој морал сам да замине за Шведска. За време на патувањето неговиот брод бил нападнат од пирати и тој загубил с? што имал, пристигнувајќи бедно во едно мало шведско село. По почетокот, кој малку ветувал, успеал да го основа јадрото на Црквата, првата христијанска црква во Шведска, и продолжил кон внатрешноста, покрстувајќи ги паганските поглавари. Ансгариј станал првиот архиепископ на Хамбург, Германија, а наредните четиринаесет години во Скандинавските земји го ширел Евангелието и градел цркви во Норвешка, Данска и Северна Германија. Ансгариј продолжил со својата дејност сe до својата смрт на возраст од шеесет и четири години. Бил погребан во Бремен.
Бил голем мисионер, неуморен, извонреден проповедник, прославен поради своето подвижништво, и многу бил милостив кон сиромашните. Градел училишта и ги ослободувал робовите запленети од Викинзите. Го покрстил кралот Ерик од Јитланд и бил нарекуван „Апостол на Северот“, иако Шведска целосно се вратила на паганството кратко време по неговата смрт. Неговиот свет спомен се чествува на 3/16 февруари.
Помолте му се и вие за здравје на најмладите. За многу години!