Пожарникар за страшната несреќа: Лазев и го молев Господ да извлечам што повеќе живи

0

Скопските пожарникари на местото на трагедијата пристигнале околу 17 часот. Таму веќе имало полиција и групи на луѓе кои исто така се обидувале да им помогнат на повредените.

„Глетката беше морничава. Мирисот на свежата крв ми заплискуваше во носот, но немав време да размислувам за моите чувства. Во тој момент го молев Господ да ми даде сила за да можам да спасам колку што е можно повеќе луѓе, кои лазејќи на колена ги извлекував од згмечениот автобус” – раскажува скопски пожарникар за Вечер, кој прв влегол во превртениот автобус и ги извлекувал настраданите.

„Автобусот беше речиси смачкан и беше невозможно да се влезе во него. Патниците беа заглавени и во многу тешка ситуација. Пискотници се слушаа од сите страни. На подот имаше реки од крв. Дел од нив беа приклештени меѓу каросеријата од автобусот, дел потиснати и меѓу столчињата. Сите беа кој од кој потешко повредени. На некои им се гледаше утробата, некои беа со отворени рани, со скршени глави, раце и нозе.

Се фокусирав на најтешко повредените, бидејќи ним им беше најмногу потребна мојата помош. На предниот дел од автобусот, мештаните извлекуваа неколку патници. Но на средината од автобусот беше најкритично. За да може полесно да се вртам извадив две од седиштата. Таму имаше заглавено една жена.

Успеав некако да ја одглавам од под седиштето и да ја изнесам од автобусот. Во еден момент ми се причини како да слушнав детски плач. Почнав да го барам низ поврдените, но набрзо сфатив дека некој од повредените најверојатно во паника почнал да плаче како дете. Со натчовечки напори се трудев колку што е можно повеќе да извадиме од нив надвор од автобусот, бидејќи секунди беа во прашање.

Како ги изнесувавме од автобусот така моите колеги заедно со екипите од Брза помош ги ставаа повредените во амбулантните возила и ги транспортираа во болниците“ – сталожено како вистински професионалец кој досега неколкупати се соочил со вакви ситуации ја опишуваше овој пожарникар спасувачката мисија во превртениот автобус за Вечер.

Во извлекувањето учествувале и братучедите Рами и Меќани Деари кои за време на несреќата се наоѓале во Џамијата која е на стотина метри од автопатот Скопје-Тетово. Тие пред камерата на „А1он“ велат дека се уште се во шок од вчерашниот настан. Велат дека сликите кои им останале во глава ги држеле цела ноќ будни.

-Бевме во џамија. Слушнавме некаков звук, видовме дека автобус излета од автопатот и веднаш дотрчавме. Во автобусот имаше млади луѓе од 20 до 30 години кои повикуваа за помош. Син ми со уште други двајца влезе под автобусот и почнаа да ги извлекуваат луѓето. Имаше 7 лица починати на лице место, не успеавме да ги извадиме беа заглавени, сведочи Рами Деари.

Како што велат жителите на Ласкарци, од голема помош бил багерот кој од Желино пристигнал пред брзата помош. Според нив, багерот го подигнал автобусот што било пресудно да се спасат повеќе животи бидејќи биле минути во прашање.

-Багерот дојде побрзо од брзата помош. Имаше само делови од телата кои можеа да се видат. Само глава или рака, а од половина надолу беа под автобусот. Го подигна автобусот и извадивме четворица кои беа тешко повредени, но се уште живи. Телата кои беа на задната страна од автобусот каде што стои моторот, не можевме да ги извадиме и веќе беа починати, сведочи Меќани Деари.

Извлекувањето продолжило со помош на механизацијата и работници од локалните фирми кои исто така помогнале жртвите да бидат транспортирани до болниците.

-Дојдоа вработени од една фирма која се наоѓа во близина, донесоа брусалица за сечење. Сечеа делови од автобусот за да ги извадиме луѓето. Неколку луѓе излетаа од автобусот, ти викаа помош, помош, бараа вода, целите беа во крв. Беше страшно, вели Деари.

Претходна статијаМихаил ме освои со својот интелект: Татјана Стојановска откри детали за саканиот
Следна статијаЗимата ни задава нов удар – во овие денови се очекуваат повторно обилни врнежи од снег