Приказните се за легендите и за легендите се кажуваат приказни за да си останат легенди. Во приказните им е местото затоа што во нив се зборува за големите човечки дела на тие кои заслужиле за нив да се кажуваат приказни. Ние кои сме имале привилегија да ги познаваме треба да сведочиме за нив за да не се заборават, за да останат за идните генерации.
Оваа приказна е за една од правите битолски легенди, ова приказна е за “Петар Милошевски ” првиот голман на македонската фудбалска репрезентација. Беше нејзин генерален директор кога трагично, во сообраќајна незгода го загуби животот на излезот од Куманово ноќта на 13.03.2014…
Како брат на Петар не би раскажувал за неговите професионални успеси кои сите ги знаат, туку за неговата човечка големина, која јавноста не ја познава многу, исто како и за нашиот приватен живот и нашето детство, од кое носам многу анегдоти и убави спомени од едно време кое не е толку далечно и различно од денес.
Ние сме деца сирачиња растени со многу љубов и малку пари. Растевме на ул.Солунска каде баба и дедо не чуваа како очите, додека нашата мајка беше на работа.
Нашето детство беше многу убаво и како сите деца од тоа време, игравме сѐ и сешто на улица која не беше асфалтирана.
Личевме на Лаурел и Харди . Петар беше ситен и многу бесен, а јас бев кроток и многу дебел. Покасно испадна обратно, но тогаш беше така. Од многу мал тој беше со топката во рацете. По цел ден ги бранеше шутовите и на многу повозрасните со кои игравме на улица. Немаше страв од ништо и кога многу ќе удреше никогаш не плачеше.
Се сеќавам дека ми купија бел костум со машна, за да учествувам на детски фестивал каде што пеев. После некое време мајка ми не строса двајцата за излегување на шеталиште и му го стави белиот костум на Петар. Не помината пет минути тој се врати со костумот пола зелен. Мала работа, се фрлил на трева по некоја топка.
Кога имавме 9 и 10 години се преселивме во РЕМО 2. Се беше ново за нас. Во тоа време тој започна да оди на тренинг во младите на Пелистер. И јас отидов, ама фудбалот не беше за мене. Тој се враќаше од тренинг и пак одеше да игра фудбал со другарите. Со топката во раце беше по цел ден.
Малку подоцна не само што го покажа својот талент во Пелистер, туку беше повикан во Југословенската репрезентација суб 21.
Целиот текст може да го прочитате на babambitola.mk