Утре се празнува Воведение на Пресвета Богородица во храмот, што народот го вика Света Пречиста или само Пречиста. Спаѓа во дванаесетте големи христијански празници. Се смета за женски празник и повеќе го празнуваат младите жени, особено оние што немаат деца.
Евангелистите сведочат дека праведните Јоаким и Ана долго немале деца. Го молеле Бога да им даде рожба ветувајќи му дека ќе му ја посветат нему, односно ќе ја дадат да му служи во храмот.
Така им се родила Марија.
Светото предание натаму сведочи дека бидејќи Марија била измолена со солзи и ветена да му служи на Бога, нејзините родители уште кога наполнила една година сакале да ја одведат во храмот. Но се плашеле дека малото девојче може да плаче за нив, па се одлучиле тој чин да го направат кога таа ќе наполни три години. И така кога наполнила три години останувајќи доследни на ветувањето, а и исполнувајќи го долгот кон Бога, ја повеле во храмот.
Во свечената поворка што три дена патувала од Назарет до Ерусалим најнапред оделе девојчиња променети во бела облека, со запалени свеќи во рацете, по нив Јоаким и Ана за рака ја воделе малата Марија, а по нив оделе многу роднини и пријатели.
Со нив, невидливи за човечкото око, патувале и многу ангели. Малата Марија била облечена во свечена облека, со многу украси, како што и приличи на царска ќерка и божја невеста. Од Назарет до Ерусалим имало три дена пат, но овој пат, бидејќи се работело за патување иницирано со божји благослов, поворката со леснотија го изодела ова растојание.
Пред храмот свечената поворка ја пречекале свештеници на чело со првосвештеникот Захарие, пеејќи црковни песни. Храмот бил на поиздигнато место и во него се влегувало по 15 скали.
Родителите ја оставиле малата Марија на почетокот на скалите и таа самата, со сила и сигурност на многу поголема возраст, се искачила весело гледајќи во храмот и не свртувајќи се кон своите родители и кон народот што ја придружувал. Тамо ја пречекал првосвештеникот Захарие, (таткото на свети Јован Крстител), кој на општо изненадување на насобраниот народ, а по божја повелба, ја внесол во најсветото место во храмот, еден одделен олтар наречен “Свјатаја свјатих”, (или Светиња на светиите).
Во спомен на воведувањето на тригодишната Марија во храмот светата црква го востановила празникот Воведение што се празнува на 4 декември.
Празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот ни го истакнува за углед односот на праведните Јоаким и Ана, нивното исполнување на ветеното, но и нивната грижа за правилно воспитување на нивното дете.
Но овој празник и денес е актуелен со тоа што укажува на потребата родителите да се заложат за правилно воспитување на своите деца, за осознавање на вредностите на верата, но и за одбрана од негативните пороци кои што денес ја уништуваат младината.
Го слават жените за полесно да раѓаат и одгледуваат деца. Тие кои немаат деца на овој ден се молат да добијат.
На овој ден се оди во црква, но не се работат тешки работи, не се пере и не се шие.