Константин од Крива Паланка: Министерот Николовски ја спаси ќерка ми

0

-Министерот Љупчо Николовски ми ја спаси ќерка ми и стана мој брат – раскажува Константин Стојановски, воен инвалид од Крива Паланка, чие семејство летово го преживеало, како што вели најтешкиот период во животот.
Неговата 12- годишна ќерка Ивана, сосема ненадејно доживеала мозочен удар и било неизвесно дали ќе се спаси. Во тие тешки мигови, додека девојчето било сместено на КАРИЛ во Скопје, помеѓу првите кои му притрчале на помош на Константин бил министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

-Министерот лично не го познавав, иако беше мој сограѓнин. Јас со години, уште од 1993 година сум член на ВМРО ДПМНЕ, дури и на мојот профил на Фејсбук бев потпишан како Комита Коста. Но, различната партиска припадност не беше никаква пречка за Николовски, кој преку заеднички познаници ме најде, откако слушнал за Ивана, и дојде кај мене заедно со министерот за здравство Венко Филипче. Во тие моменти, кога човек не знае што го чека, кога детето му се бори за живот, подадената рака од луѓе кои што не ги познавам значи премногу – раскажува Стојановски.

Вели дека животот си поиграл со неговото семејство, и мозочниот удар на Ивана за нив бил шок. Од дете кое било здраво, без никакви симптоми или проблеми, кое редовно тренирало кошарка, за неколку мига им се случило се да се сврти наопаку, и да се молат за неговиот живот.

-Ивана беше расположена, разговарав со неа неколку минути пред да го доживее ударот. Одеднаш, нејзиното братче истрча викајќи по мене. Рече дека на Ивана и се слошило. Мислев дека не е ништо сериозно, кој да очекува такво нешто… Ја видов ќерката падната во купатилото, тргнала да се тушира, ни самиот не можев да претпоставам што се случило. Дете, да доживее мозочен удар, тоа беше шок за сите нас.

Додека таа во крајно сериозна состојба се бореше за живот на КАРИЛ, кога сите ние дома не знаевме што со себе, се случи таа подадена рака од Николовски. Без двоумење ми понуди помош, постојано беше покрај нас, секој ден и по неколку пати се јавуваше, заинтересиран за состојбата на ќерка ми, која беше препратена на клиника во Хановер, Германија – се присетува таткото.

Додава дека е преблагодарен и на министерот за здравство Венко Филипче, кој доста се заангажирал околу девојчето, но и на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој дури и финансиски го помогнал лекувањето.

-Во тој период, секој утешен збор, секаква поддршка значи многу. Немам зборови со кои би се заблагодарил на Николовски, на Филипче, на Јанчев, на вработените на КАРИЛ, на сите родини и пријатели кои беа покрај нас. Ивана беше оперирана во Германија, а операцијата помина во најдобар ред. Фондот за здравство ги покри трошоците за лекување, но добивме финансиска помош и од наши роднини, пријатели, бидејќи сепак, освен за операцијата, самото патување повлекува многу други трошоци – вели Стојановски, кој е татко на три деца.

-Никој да не го доживее она што ни се случи нам, премногу е тешко. Но светлата работа во таквите моменти е тоа што човечноста постои, без оглед на разликите, на убедувањата, на политичката припадност. Се тоа е занемарливо и најважно е да бидеш човек. Токму тоа ми го покажа Николовски и сите останати кои беа покрај нас во лошите времиња. Со гордост велам дека тој е мој брат, личност која ми ја врати вербата во добрината – раскажува Константин. Вели дека денес, Ивана се чувствува добро и животот им се вратил во нормала. Брзата реакција на лекарите и операцијата во Германија биле пресудни за таа да се спаси и да продолжи таму каде што застанала.

-Благодарен сум на Бога, благодарен на добрите луѓе кои се бореа за моето дете како да е нивно. И денес се јавуваат сите, да прашаат како е Ивана. Таа е весело дете, оди на училиште, и се трудиме да го оставиме лошиот период зад нас, да продолжиме напред, побогати со нови пријатели, но и со едно животно искуство кое не научи многу. Оти на крајот на денот, најважното нешто е семејството да ти биде живо и здраво, да знаеш дека околу тебе има луѓе, во вистинскиот смисол на зборот, и секако и самиот да бидеш секогаш човек – изјави Стојановски.

Вики Клинчарова
Извор: Фокус

Претходна статијаБидете внимателни: Многу проблеми за овие хороскопски знаци – Викенд хороскоп
Следна статијаСега “големиот” Жељко Јоксимовиќ и пеел пратечки вокали на Цеца