Доктор Жан Митрев синоќа испрати соопштение во кое најави дека на овој голем христијански празник, кога е време за простување, а решил да ја повлече тужбата за медиумот во кој, како што вели, биле изнесени невистини за него.
-Денес е ден кога Христос се роди. Денес е денот кога се родила надежта дека доброто ќе го надвладее злото. Денес е денот кога се што ни се случило лошо, сакаме да го заборавиме. Денес е денот кога на сите им посакуваме само добро и им простуваме на сите кои ни направиле лошо.
Минатата година ми беше нанесена неправда преку невистини изнесени во јавноста. Како моја реакција на овие обвинувања поднесов тужба за медиумот каде беа изнесени невистини за мене. Не ми беше целта да се расправам ниту да нанесам штета на медиумот, како што мене ми беше нанесена неправда.
Целта ми беше да ја покажам вистината. Но судот на јавноста и на Бог е тој што ќе суди за сите неправди. На овој ден, голем христијански празник време е за простување. Затоа и решив да ја повлечам тужбата, соопшти Митрев.
Новинарската организација ИРЛ (Investigative Reporting Lab) направи документарен филм насловен како „Нечиста крв“ за начинот на кој функционирала болницата во време на пандемијата со ковид-19 (2020/22), а конкретниот документарец е направен врз основа на трогателни сведоштва на граѓани од Македонија и Косово и 24 пријави за работата на клиниката.
Поради опасност од бегство на д-р Жан Митрев му беше одземен пасошот. По барање на обвинителството судот ја прифати мерката за да се обезбеди неговото присуство во текот на истрагата која се води за него. Жан Митрев беше на распит во обвинителството, по што надлежниот јавен обвинител Гаврил Бубевски нареди истрага против него.
-Клиника Жан Митрев и сега и понатаму целосно соработува со институциите за кои и да било случај. Ние како Клиника досега, а и понатаму работиме целосно транспарентно и во интерес на пациентите. Овој однос не е само кон надлежните институции и тела во државата, туку е и кон нашите пациенти.
Знаејќи ја вистината и водејќи се според високите стандарди на работа ќе помогнеме за откривање на фактичката состојба и ги ставаме на располагање сите наши материјални и човечки капацитети за да излезе вистината во јавноста, велат од клиниката.
Оваа кривична пријава доаѓа по истражувањето на ИРЛ, кое се базира на 24 пријави на граѓани од Македонија и Косово кои се истражувале и верификувале речиси две години.
Методот на хемофилтрација во клиниката на „Жан Митрев“ се наплаќал од три до пет илјади евра, сведочат пациентите. Велат дека биле приморани да продаваат и имот за да спасат живот, но бадијала, дел станале и без пари, и без човек.
Докторот Жан Митрев пред неколку месеци заедно со тужбата поднесе и барање за забрана за известување на ИРЛ за теми поврзани со третманите во неговата болница, за сега човекот да ни простува гревови?!- прашува новинарката Сашка Цветковска од ИРЛ во одговорот до д-р Жан Митрев кој објави дека ја повлекува тужбата до медиумот.
– Патем, со нетрпение чекавме да се сретнеме на рочиште месецов. Верувам дека правосудниот систем нема да е во празнично-простувачко расположение и конечно ќе дочекаме обвинение против докторот, со или без комплекс на Господ, негов проблем, пишува Цветковска во објавата на Фејсбук.