– Моите филмови се од Македонија, ама не се за Македонија, или барем не е тоа главната цел“, има кажано нашиот познат режисер Милчо Манчевски во едно интервју за Факултети.
– Тие се бават со човечки маки, радости, чувства и прашања што ги мачат луѓето насекае во светот. Мислам дека уметноста се бави со општи прашања, со чувства и концепти, а новинарите, социолозите, историчарите, антрополозите се бават со конкретните места и настани.
Мене ми е мило што преку моите филмови светот се запозна со фактот дека во Македонија се прави врвна уметност, дека има одлични глумци, музичари, филмски работници.
Тоа е најголемата промоција на една земја, а не – како што некои посакуваат или замислуваат – конкретната пропаганда за тоа како се живее на ова една педа земја“, кажа Манчевски, а тој инаку е сега актуелен со филмот “Кајмак“ кој стана хит во Македонија.
-Јас ретко ги гледам моите филмови откако ќе ги завршам.
Понекогаш, после подолго време ќе седнам да изгледам нешто што сум направил за да научам нешто од временска дистанца.
За „Пред дождот“ ме врзуваат убави спомени, иако правењето на филмот беше мачно поради продукциските проблеми. Кога ќе го погледнам процесот на правење на тој филм вака од дистанца, вистинско чудо е што тој филм воопшто се сними.
Уметничкото дело не мора да биде пријатно, барем не навидум, ама тоа на крајот од денот го радува гледачот (или читателот или слушателот) затоа што тој доаѓа во допир со богата креација на човечкиот дух.
Немам формула за тоа што е добар филм, тој може да доаѓа од било која кинематографија, да припаѓа на било кој жанр.
Дури и комерцијален филм може да биде добар, голем филм, иако тоа поретко се случува.
-Во Македонија се враќам оти дел од мене припаѓа тука и глупаво е тоа да се негира, како што и голем дел од мене припаѓа на Њујорк оти таму го поминав целиот возрасен живот.
Тука имам мили луѓе кои секогаш со радост ги дружам. Ме инспираат луѓе и идеа, тие не се врзани за едно поднебје“, кажа Манчевски во интервју. А, инаку за „Кајмак“ имаат зборувано актероте од овој филм.
-Карамба е многу сочно напишан лик, во сценариото имаше многу понуден материјал да се направи вистиниски и жив карактер кој го познаваме.
Со Милчо некако се најдовме на иста бранова должина и уште во процесот на пробите одлично се надополнувавме.
На пробите, а и во процесот на самото снимање гледав на Карамба да му дадам ведрина, едноставност, доза на хумор, а тоа што го нудев Милчо знаеше да го препознае и на тоа да додаде уште за Карамба да изгледа такав како што е.
Инаку кога би требало да го опишам Карамба со една реченица би рекол. Карамба е скромен, добар и харизматичен човек на кој не му треба многу да биде среќен, малку кајмак, малку ракиичка и… две жени“, рекол Александар Микиќ за Женски магазин.
-Да се запознае комплексноста на ликот на Виолетка со едно проаѓање низ пазарот, паркот, улицата…не може. Секако, нејзината симпатична кокетност е видлива низ нашиот град.
Виолетка ја има во моите пријатели во нивното лесно искусување на слободата, а и во нивната топлина и отвореност. Таа е веројатно сè обратно од она: Многу сакам, ама страв ми е да пробам… што ќе речат другите?
Храброста да бидеш слободен и природен и емотивно „сам свој газда“ постои во сите нас, ако си дозволиме да бидеме присутни во моментот, и да бидеме љубопитни.
Преку Виолетка во мене, почнувам да осознавам сопствени стереотипи и да ги надминувам“, рекла Ана Стојановска во истиот медиум.
На Фејсбук е објавена слика од актерите од филмот „Кајмак“, како си уживаат во предновогодишна прослава- целата екипа е собрана во ресторан и се во едно опуштено, понеформално издание, на чело со режисерот Милчо Манчевски кој изгледа дека убаво е расположен пред празниците.