Статус на Фросина Фро: За да бидеш интелектуалец во Македонија потребно е да носиш очила со диоптер, да нагласуваш дека не гледаш телевизија и да имаш прочитано минимум две лектири од средно.
Ок, ги исполнувам условите. Ние имаме и најмногу експерти по глава на жител, на што би ни позавидела и секоја понапредна вонземска цивилизација, бидејќи нашата експертиза во сè и сешто има не само светски, туку и вселенски размери на кои Тесла и Ајнштајн да се живи би ни се поклонувале.
Па не може Санде од Свирипичино да биде помал експерт од Стојан од Драгоманце. Санде знае сè за геополитика, за светски поредок, за климатски промени и кој ќе тепа на наредни избори во Америка. Санде се информира од youtube.
Џабе вие јадници кои се броите на прсти, учите, магистрирате и докторирате на државни универзитети со сите 10 ки и без врски, кога Санде и Стојан дипломираа на youtube и ја открија целата вистина од документарци за новиот светски поредок, за парењето на фоките на Гренланд и за болестите што ги пренесува мувата Це Це. И по храброста сме многу познати.
Влегуваш кај шефот со свое мислење, излегуваш со негово. Уште ако си успеал да решиш цел крстозбор без да гледаш во решенијата, тогаш Тесла те молам дај потргни се, да помине Драгутин. Тоа што Драгутин едвај заврши основно нема врска.
Наставниците не знаеа да го мотивираат да учи, иначе тој целиот беше полн со потенцијал. Тоа што имаше двојка физика, не го спречи да ни ја открие правата теорија за хаваријата во Чернобил. Тоа што не знае кој е Нобел нема врска, важно знае дека треба да добие Нобелова награда за шо и да е. И по културата сме многу познати. Што има Светле да го знае Горан Стефановски бе?
Тој ја знаеше ли неа? Не. Епа зошто таа да го знае? Жената си има култура и без Горан Стефановски и без Блаже Конески и без Петре М. Андреевски. Плус што ќе и се оние русите како Чехов, Достоевски, Булгаков да и продаваат култура и да ја тераат да чита?
Културна си е таа и без читање, стално ги соблекува кондурите на врата кога оди кај Пале на гости за да и го проба слаткото од сливи. Шо, зарем не е тоа култура? Зошто да гледа Лебедово Езеро кога може дома да си пушти Фатмаѓул или Ра нети Срца?
Значи со редовното неодење на претстави и концерти таа ќе си заштеди за нов сервис за кафе и за миленце под телевизорот, пошо сеа има плазма, 21 век сме бре, сеа не се ставаат миленцата одозгора. Вистинско чудо е ако на концерт на филхармонија, бројот на публиката се изедначи со бројот на изведувачи.
Обично публиката е во помал број. Постои и онаа сорта на луѓе кои негуваат хронична страст кон нечитање. Тоа се луѓе со енциклопедиско незнаење, ама баш тие секогаш се спремни да се инаетат со соговрник кој е 100 пати појак од нив и со знаење и со ораторство…
За жал егизстираме во средина каде ние просечните испаѓаме паметни само поради туѓата глупост, среќни сме затоа што другите се понесреќни од нас… Примерите кои ги нведов ги има секаде во светот, ама во светот ваквите примери се исклучок, а кај нас мнозинство.
Кај нас исклучок се паметните, образовани (без врски), начитани луѓе, со развиена критичка писменост кои без страв и јавно ги критикуваат сите аномалии на едно општество.
За едно општество да биде здраво, таквите луѓе треба да се мнозинство, а не исклучок… А ние сме сè, само здраво општество не.“