Речиси 3о години, Тања Џамбазова, сестрата на Игор Џамбазов, ќерката на познатиот музичар Александар Џамбазов не живее во Македонија. Таа патува насекаде низ светот, а неодамна беше во Исланд.
-Сакам да видам како луѓето од различни култури го поминуваат ова малку време што го имаме на Земјата, што им е важно, каде наоѓаат мир и што им носи пеперутки во стомакот.
Бегам од градови зашто сите се исти. Невидливите градови на Калвино. Одам во мали места, во села, а во ретки моменти пијам ракија од шише со автомеханичар во Куба.
Или појадувам со фармер во Исланд. Да, имав драгоцен разговор со теа мастер во Тибет, споредував животни филозофии со пријатели од Зимбабве… Патувам секаде каде што можат да се најдат луѓе со големо „Л“, рече Татјана во интервју во За се и одговори што најмногу ѝ фали од родната земја.
– Игор. Игор. Игор. Тато. Мојот најдраг тато од кого научив дека во животот можеби треба малку и на себе да се мисли. Борче. Мама. Биби, мојата втора половина, чувачот на сите мои тајни. Мојот столб Тања Нацевска. Јуриј Гагарин. Фидан Бојлија мачорот.
Кучето скитник Линда. Високата пунџа и беспрекорната кошула на учителката Љупка. Училишна торба поголема од мене. Диско „Мусандра“. Гастон, ах Гастон. Тања Ефремова и „вранглерки“. Креативноста на тетка Милена. Игор. Снимањето на „Волшебното самарче“. Алумина и пластика.
Зелничето на баба. Пакување половина куќа за регуларниот тримесечен годишен одмор во Градиште. Рибарење во 5 наутро. „Охридско лето“. Фризерската соба во театар. „Бриџ“ со дедо. Скијање со чичко Мирче. Белата капа и жолто-бел-црн костим за капење на тетка Кача.
Таа и мама – кафенце, цигари и многу смеење (со тато и чичко Мирче како главен извор за инспирација). Јана и Уна. Игор. Театарски претстави. Многу убави театарски претстави. Нова година кај Палчо, првата средба со вермут: 7 лустери, 6 лустери, 5 лустери, 4 лустери…
Мирисот на театарската сцена. Чичко Душко. Лариса. Ручеци кај баба и дедо. Лиле на Диме. „Леб и сол“. Лидија Георгиевска. Горазд Поповски. Игор Баци и Зако. Маврово.
Архитектонски факултет и Живко Поповски. Игор. Пеење серенади под балконот на војничката зграда кај Зоолошка. Група „Раскољников“. Милиот Сергеј. Ајвар! Млечник и кох од мама. Горан Адамовиќ. Штокче. „Буре барут“ и Дејан.
Цел живот барам нешто трајно, само се’ уште не сум нашла што било такво. Единствено трајно е дека се’ е променливо. Сан Франциско е една од многуте непланирани станици на моето патешествие без почеток, ни крај.
На архитектурата и’ ставив крај во Лондон во 2000 година. Немав стомак за тоа, ниту доволно талент. Има толку многу талентирани архитекти на светов, па и еден просечен е премногу.
А јас не сум добра во која било просечна улога… Да објаснам што работам денес не е лесно. Измислувам и се реинвентирам секој ден. Во последните 13 години работам во компанија која прави дизајн софтвер.
Измислив работна позиција која дозволува да го користам најдоброто во мене: театар, креативност, познавање луѓе, технологија, кршење мраз со нови идеи. И си измислив титула: јас сум Tecxnologos whisperer.
Звучи апсурдно, ама е многу точно: правам и учам висока, нова технологија на разбирлив начин . По секоја презентација, луѓето ми бараат автограм и ме молат да се сликаат со мене…
Лани, пак, започнав да работам со најпознатите светски музеи како што е Smithsonian, реконструирам египетски мумии во музеј во Шведска, работам со д-р Лоуис Леакс, внуката на д-р Ричарц Леакс.
Потоа, со индиската влада за зачувување на Чандигар од Корбизије, наскоро имам проект со УНИЦЕФ за заштита на светски културни значајни места, во контакти сум со Ирис ван Херпен за „хај енд фешен“ и користење на 3Д-печатач и ласер кутери…“, рече таа во интервјуто. Потоа, зборуваше за својот брат Игор:
-Игор е неуморен, прави, а не зборува. Не е доволно да ти даде господ талент, треба нешто да се направи со тоа. И зад книги, и зад музика и шоуа стои многу работа, големи истражувања, читања и мислења. Тој се качува и паѓа, но не го запира.
Мозокот му врие со идеи, со мисли, но ги става во ноти, на хартија, на сцена, на телевизија. Мојот брат е генијалец во секаква смисла, а најфасцинантно и апсурдно е што е скромен и кроток.
Игор никогаш не се однесувал ниту замислувам дека е нешто поважен од другите. Има приземјување на громобран. А најмногу го почитувам поради тоа што живее искрено со себе и со тоа што го прави среќен.“
Татјана слави роденден а Игор на свој оригинален начин ѝ го честиташе овој важен ден на својата мила сестра. Џамбазов вака напиша на Инстаграм:
-Кога пред 30 години си замина од дома, сфатив дека Македонија е премала за тебе. Сега тоа го мислам и за светот.
Среќен ти роденден, систер!