Познатиот музичар Џамбо Агушев, кој со својот оркестар и со својата труба го има поминато целиот свет, во една прилика за Фешнел раскажа како почнала неговата музичка приказна.
– Оркестарот датира уште од 1993 – та година кога го основале моите чичковци и мојот татко Џемал. Во 1995 – та година ја снимиле познатата „Да беше стрела песнава“ со легендата Гоце Арнаудов и чичко ми Кочо кој беше мојот најголем учител.
Тој оркестар го водеа татко ми и чичко ми до 2001 – ва година, по што започнаа да свират со различни членови од оркестарот. За да не настанат многу забуни, од 2004 – та година, татко ми ми го подари оркестарот кој јас го нареков Џамбо Агушеви оркестар, за секаде да се знае кој всушност настапува и за некако да се разграничуваат.
Да ви кажам искрено, нема шанси кај нашето семејство да помине ден, а да не е весел. Често пати кажувам дека целото мое семејство е составено од музичари, некој свири на труба, некој на саксофон и затоа постојано е весело, ние секој ден се будиме со музика.
Јас од три, четири години сум со нив и ги следам во работата и од секогаш сакав да бидам музичар. Се сеќавам, татко ми ми подари труба многу одамна и до ден денеска, јас останав со таа „играчка“.
Многу сум задоволен од мојот оркестар, од мојата и нивната работа и од напредокот што досега сме го постигнале. Со оркестарот постоиме веќе 15 години откако го преземав јас.
Прогласени сме за најдобар оркестар на Балканот и имаме добиено многу признанија. Тука морам да го споменам и нашиот настап во Би – Би – Си од кој сум многу задоволен“, рече тој за Фешнел.
-Најголемо наше достигнување беше настапот во Гуча во 2011 година. Потоа следеше настапот во Мексико каде свиревме пред публика од 50.000 луѓе. Бевме и во Америка и Канада, но во Мексико дефинитивно сме свиреле пред најголема публика.
Нашата музика во светот ја прифаќаат многу позитивно и тоа е многу интересно. Кога почнав да ја свирам „Македонско девојче“ на еден настап во Лондон, јас помислив дека сите од публиката се Македонци поради тоа што многу добро реагираа и ја пееја песната во еден глас“, рече Џамбо.
Џамбо Агушев, речиси никогаш не се појавува во јавноста со сопругата со која веќе 11 години е во брак. Сопругата на Џамбо се вика Асена, таа е Турчинка која живеела во Германија.
Се запознале на еден негов настап во Германија. Џамбо ја заблежал во публика, му се допаднала, и ја поканил на состанок.
Музичарот Џамбо Агушев и неговата сопруга Асена пред една година ја добија ќерката Мелинам. Среќната вест со фановите и пријателите на „Фејсбук“ ја сподели среќниот татко.
Фала му на Бога, мојата ќерка Мелинам се роди. Добредојте во нашето семејство, моја убава ќерко!, напиша Џамбо. Музичарот, со сопругата Асена веќе ги има ќерката Севги и синот Мерт.
Денеска, најмалата ќерка на Џамбо слави роденден, а тој со најубави зборови од кои солзи на очи идат, ѝ посака најубави желби.
-Ќерка ми, мојот единствен нежен цвет, мојот најубав поглед на животот, мојата Мело, душата на тато, секој пат кога ќе ме погледне, секој пат кога ќе ме прегрне, доживувам такви прекрасни чувства што никој не може да ми ги даде, тоа е чувство, љубов, топлина.
Присуствував на милиони концерти пред илјадници луѓе, но не бев возбуден, но кога те гледам, твојот поглед е најважен. Тоа ме прави толку возбуден секој пат што не можам да ти го кажам, можам само да ти го кажам ова, око мое убаво, те сакам повеќе од се.
Среќен роденден, мило ми е што си мое девојче со очи од монистра. Господ да ти даде долг живот моја мила ќерка Мело“.