Колачите со гриз приготвени од тесто и прелиени со шербет, имаат неодолив вкус, а полесно се приготвуваат отколку баклавата.
Секој слушнал и барем еднаш во животот пробал баклава. Тоа е колач приготвен од кори, ореви или некои други јаткасти плодови и масло. Кога ќе се испече баклавата се прелива со ладен шеќерен сируп (шербет), а откако ќе го впие, се послужува.
Баклавата е вкусен десерт кој лесно се приготвува со готови кори, а сега можете да приготвите уште една ориентална слатка, многу брзо и едноставно. За колачот од гриз ќе биде потребно да замесите тесто, да направите топчиња, а потоа да ги валкате во гриз.
Потоа треба да ги испечете и да ги прелиете со шербет. А пак, за да го приготвите тестото, не ви е потребна некоја голема вештина, бидејќи на сите им успева од првпат.
Навистина овој колач и баклавата се разликуваат во начинот на приготвување, а само шеќерниот сируп им е заедничка состојка, но сите што ја сакаат баклавата, многу брзо го засакуваат и овој сочен колач од гриз. Веруваме дека и вас ќе ве освои уште при првиот залак.
Потребни состојки за шербет: 3 чаши шеќер, 3 чаши вода, 2-3 капки сок од лимон. За тестото: 1 јајце, 1 чаша масло, 1 чаша јогурт, 1 кесичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 чаша гриз, 3 чаши брашно.
Постапка: најпрво пригответе го шербетот за да има време да се растопи убаво шеќерот.
Во тенџере измешајте шеќер, вода и сок од лимон. Нема потреба да го варите, овој шеќерен сируп не се вари, туку се промешува одвреме-навреме, за да се растопи целосно шеќерот.
За тесто: во посебен подлабок сад измешајте јајце, масло, јогурт, прашок за печиво, ванилин шеќер, соединете, па додајте гриз и на крај брашно. Добро промешајте и замесете тесто.
Кинете мали парчиња и формирајте топчиња. Редете ги во плех за печење. Секое топче превртете го во гриз и вратете го во плехот. Земете една жица-продолжеток од миксер и нежно притиснете за да направите шара врз секое колаче.
Печете во претходно загреана рерна на 180 ° C околу 30-35 минути. Прелијте ги врелите колачи со ладниот шербет