Презвитер Бобан Митевски со трогателни зборови се прости од Архимандритот Методиј кој служеше во Русија

0

Статус на Презвитер Бобан Митевски: Денес се упокои во Господа мојот драг пријател и брат во Христа, архимандритот Методиј Валаамски.




Човек од нашиот род, човек со големо срце, опитен духовник, исполнител на Авраамовиот подвиг на гостопримството, Македонец во Русија – сведок за Православието од овие простори, сведок за македонските култура и традиција меѓу туѓ народ.




Географски далеку од родното огниште и своите, но о. Методиј направи се за да ја има Македонија до себе: и преку традиционалните македонски храна и пијалок, и преку фолклорот, песната и орото и преку топлото добредојде за добронамерниците во манастирот Валаам.




А никогаш не ја заборави и секогаш за него беше светиња Црквата во која духовни се роди и го прими познанието на Христа…

Неговата биографија е импресивна, би рекол исполнета со чуда. Руската Црква имаше доблесен човек и добар монах во овој подвижник.




Но тука повеќе сакам да изразам благодарност до Бога што ме удостои да се сретнам со ваков духовен човек: двапати на поклонение во Валаам (кога уреди се до максимум од дочекот, преку посетата на секој скит и остров околу,




па до испраќањето, а колку беа пријатни нештата што ги раскажуваше) и еднаш во Македонија, при крстот-спомен за Валаамските подвижници во Лешок, за кој тој добро се погрижи и кој ќе сведочи за него низ времињата.




Се сеќавам како тогаш ме замоливте, а јас примајќи го тоа како послушание, го фотографирав со вашиот телефон настанот на осветување на крстот, за на крајот од вас да чујам:




“Отец, вие многу ме задолживте со ова ваше дело” и да ја изразите вашата благодарност на начинот и со стилот со кој само вие умеевте – не мерејќи го дарот.

Никогаш не ја презре потребата на храмот каде што служам, па неколкуте пара одежди што ми ги подари и црковните предмети ќе сведочат за неговото добродушие, а нас ќе не потсетуваат да го имаме во молитвите.




Јас го познав и видов, а таков и беше, како смирен и скромен човек, иако неговите можности беа големи.

Некако, за него, баш ми приличат Господовите зборови: “Блажени се бедни по дух, зашто нивно е Царството Небесно” Радувај се во близината Божја, достоблажен оче Методие, и моли се за нас!




Пречекувај не, кога тоа ќе го благоизволи промислата Божја, како што не пречекуваше во твојот манастир, па како овде, така и таму да се радуваме во заедништвото со Бога! Царство Небесно!“

Претходна статијаПред малку Заев објави – со Ахмети се договориле за претстојните локални избори, ќе одат како коалиција
Следна статијаПо изјавата на Веља Невоља дека имал контакти со Вучиќ, се огласи претседателот: Во живот никогаш не сум го видел тој човек