Вчера беше одржана конференција за медиуми на која беше официјално најавена културната манифестација Галичка свадба 2021 и беа претставени младоженците Филип Бундовски и Катерина Илиевска.
Покрај организаторите, на конференцијата своја изјава даде Министерската за култура, Ирена Стефоска, која изјави дека Министерството за култура останува силен поддржувач и промотор на оваа манифестација која го чува и збогатува нашиот надалеку препознатлив македонски фолклор.
Исто така своја изјава даде и Марија Мининчиќ како менаџерка за корпоративни комуникации на Пивара Скопје, која се приклучи кон апелот на организаторите за доследно почитување на мерките за заштита од Ковид-19 од страна на сите посетители и учесници во настаните од годинешната Галичка свадба, истовремено потсетувајќи и на препораките за одговорна консумација на алкохол и за одржување на чистата природа во Галичник и неговата околина.
На прес конференцијата беше претставен и “куќниот ред” кој ќе важи во Галичник за време на претстојниот викенд, за кој дополнително ќе информираме, објавија на фан страната на МЗ Галичник, на социјалните мрежи.
По една година пауза повторно ќе се накити бајракот и ќе се фрлат трите пушки, ќе затропа тапанот за „свекрвиното“ оро и невестата ќе се носи на вода, автентичната Галичка свадба која што лани беше одложена поради пандемијата, оваа година ќе одекне од падините на Бистра.
Честа годинава ќе ја имаат младоженците Филип Бундовски и Катерина Илевска кои што судбоносното „Да“ ќе го кажат во црквата Св. Петар и Павле претстојниот викенд, пренесува Канал 5.
-Јас сум невеста оваа година, особено гордост чувствувам што сум дел од оваа традиција на галичка свадба, која што е една од најавтентичните свадби на Балканот па и пошироко.изјави Катерина Илиевска.
– Чувството е неописливо да се биде дел од оваа богата македонска традиција, одговорноста е голема да се следат овие обичаи и да се испочитува сето она што ни го оставиле нашите предци, вели Филип Бундовски.
Сепак пандемијата е се уште присутна, па од организацијата велат дека максимално ќе се испочитуваат потребните протоколи за да се избегне опасноста од коронавирусот.
-Официјалниот дел на галичката свадба, започнува на 17 јули во сабота во 19:30 часот, со китење и редење на бајракот и фрлање на три пушки, венчавката ќе се оддржи наредниот ден на 18 јули во црквата Св. Апостоли Петар и Павле, а церемонијата ќе заврши со испраќање на тајфата Мајовци и посакување здраво и живо видување в година.-Александар Костиќ – Месна заедница „Галичник“.
Министерката за култура Ирена Стефоска вели дека министерството останува силен поддржувач на манифестацијата, опишувајќи ја како чувар традицијата драгоцено нематеријално културно наследство.
Покровител на годишната Галичка свадба е Претседателот Стево Пендаровски.