Приказна за Бора Чорба што досега не е откриена: Еден уморен и истрошен маж со бела коса плаче

0

Познатата српска рок група Рибља Чорба ќе има концерт во Скопје на 27 јуни. По тој повод, една приказна што досега не е раскажана, откри Бобан Милошески од продукцијата  Авалон.

-ПРИКАЗНА ОД КНИГАТА КОЈА ВЕРОЈАТНО ЌЕ ОСТАНЕ НЕНАПИШАНА! Беа рани 90-ти. Ја работевме за прв пат Рибља Чорба во Скопје.

После Скопје беше Охрид, па на ред дојде Битола. Не дека ме издава до толку меморијата, ама еве не знам (можеби е резултат на “малиот” број на концерти изминативе 30 години) дали концертот во Битола беше во некое диско или во спортската сала… али, ќе да беше ова другото.

Концертите беа одлични, ама имаа една мана која многу ми пречеше барем пет години наназад на сите концерти коишто ги гледав на Рибља Чорба, а и ги работевме претходно низ Македонија. Сет листата на песните добри пет години им беше непроменета!?

Секогаш се почнуваше со “Zvezda potkrovlja i suterena”, се завршуваше со “Pogledaj dom svoj andjele” и помеѓу нив во ист распоред, секогаш истите 20 песни.

Тажно и жално за бенд кој можеби има најбогат каталог на песни на овие простори. И така, заврши битолскиот концерт. Во зеленото “пежо 306” се најдовме јас и Данче и Миша Алексиќ. Миша седеше напред, а јас позади. Миша вика: Kako je bilo momci? И јас му го кажувам ова истово од погоре.

И тој ми вели: Скроз си во право, сме се обиделе неколку пати ова да му го кажеме на Бора, ама тој е шеф и знаеш како е… Хм… Бора…

Кога сме веќе кај Бора, тој тие денови беше тотален крш. Од причини кои нема потреба да ги објаснувам. И му викам јас на Миша: Ај Миша батали, нека иде док иде.

А иначе, се возиме во кафичот на еден битолчанец којшто работеше обезбедување на концертите, а има надимак на еден голем акционен херој кој што не е Роки.

Влеговме во кафичот, Бора веќе беше седнат сам (тој секогаш се вози со една кола и со еден шофер кој му е цел живот другар), а остатокот од бендот веќе беше во хотел.

И седнавме ние, и по стариот добар “креативен обичај“, тој што пушта музика веднаш пушта од славната личност која му влегла во локалот, веројатно затоа што овој никогаш не ги слушнал песните коишто ги пее или ги свири?!

Од релативно добриот музички систем, наеднаш многу гласно тргна песната „Gde si u ovom glupom hotelu”. Бора почна на глас да ја пее песната. Сиротиот Миша ја отвори устата во обид нешто да каже, но Бора го фати за рака и почна да плаче.

И како денеска се сеќавам на зборовите кажани многу споро и низ солзи: Mišo, nije moguće da sam skroz zaboravio da mi imamo i ovu pesmu, da sam ja napravio ovu pesmu!”.

Не можам да ви опишам како изгледа кога еден толку уморен и истрошен маж со бела коса, со децетици илјади милји умор во очите, плаче. Јас, Миша и Данче се погледнавме и беше евидентно дека сите тројца мислевме исто.

Заврши песната и Миша му вика на Бора: “Boki, stvarno je vreme evo i sad smo u auto pričali da promenimo repertoar, da izbacimo nekih desetak pesama koji sviramo non stop i da ubacimo bar desetak novih , medju kojima će biti ova svakako”. Бора му рече: “Važi, na prvoj narednoj probi ćemo to uraditi”.

И така, судбината сакаше таа вечер во Битола да се смени несменливиот репертоар на концертите на Рибља Чорба, веројатно благодарение само на “инвентивниот” диџеј којшто погоди како со снајпер во центар на скршено парам парче срце, на кое само фантастична песна може да му даде знаци на живот.

Од тој ден, можеби затоа што и јас имав некои добри десетина години пауза, до првото ново наредно слушање на оваа песна, таа не само тоа што е маестрална и генијална, туку и поради оваа случка има посебно место во мојот живот.

А може ли некој да остане имун на текстот на песнава, на стихот “Mozda je glupo što ovo pišem, ali bez tebe ne mogu da dišem”, на рифот којшто ја вози и којшто е реално подобар од многу поголеми рифови и на многу поголеми светски групи од Рибља Чорба!?

На враќање од Битола после наплатна рампа раздени. Беше зима, а сонцето беше сепак многу јако. Данче не можеше да вози. Добри три саати спиевме во кола, на паркинг, 30 метри од наплатна…

Посветено на мој Данче и на нашиот Миша! Бобан Милошески“.

Претходна статијаЈосиф Џолев: Што се случува со Македонец кој навива за Швајцарија, Италија или Германија бидејќи му испаднала репрезентацијата
Следна статијаЏамбазов конечно од Дојран се враќа во Скопје, еве ја причината (ФОТО)