Иванов: Вчера од нигде никаде, на прагот на црквата се појавија две девојки кои без храна и пари, пешки тргнале за Ерусалим

0

Пасторот од Евангелската црква во Велес, Филип Иванов, е мошне активен на социјалните мрежи каде споделува со своите следбеници за хуманитарни акции кои ги организира.

Активистите од неговата црква, секојдневно, неуморно дистрибуираат донирана храна до семејства на кои им е најпотребна.

Тој во една прилика напиша:

„ДО 100 ЕВРА ИМ Е ДОЈДЕНО. Ги разнесуваме пакетите храна утрово, и одиме за прв пат кај една женичка, за која чувме дека е во потреба.

Женичката инвалид, едвај стои на штаките, ме пречека на вратата, и само што и се претставив, кога го виде пакетот, очите и се наполнија со солзи… Благодарна, преблагодарна.

Комшиката до неа, малку позборлива од неа, ми кажува за ситуацијата. Женичкава веќе месец дена седи дома без струја, со три јоргани не може да се стопли, со ладна вода се мие, и нема ни што да зготви, ни на што да зготви.

Ја прашувам за колку сметки и е исклучена струјата, ми кажува пет. Веднаш помислувам, којзнае за колкава сума се работи. Срам, несрам, ја прашав. Ми кажува – 6.000 денари. Колку?! 6.000 денари, пет сметки по 1.200 денари!

Ете, до 100 евра им е дојдено, и на држава, и на компании! Жена, инвалид, со не повеќе од 5.000 денари примања, оставена сама, да мрзне и да гладува, зашто без тие 100 евра државата и компанијата ќе пропаднат.

Нејќам ни да почнувам за тоа како некои луѓе и фирми со години и со неплатени милиони сè уште имаат струја, ама, пак ќе речам, до овие 100 евра е дојдено.

За жал, толку ниско сме паднати во моја Македонија, што солзи капат за пакет храна, и за 100 евра за сметки… Тежат тие солзи, и на некого ќе натежнат, тоа знам.

Туку, му благодарам на Бога што имам благословени браќа и сестри во црквата, па до утре ќе и бидат платени сметките на оваа женичка, и после горчината утрово, ќе дојде и блажина, и за мене, и за неа.

Оставени сме сами на себе, повеќе од јасно е тоа, но, ете, и не сме заборавени од Господ, па во тој парадокс е сето наше христијанско живеење.“

Пастор Филип Иванов, денес објави интересен статус за две девојки, католици од Франција кои тргнале пешки за Ерусалим:

„Вчера „од нигде-никаде“ на прагот на црквата се појавија две девојки, католици од Франција, кои без ништо, без храна и пари, тргнале пешки за Ерусалим, пред четири и кусур месеци.

Ова се нивните „стеки“ за одење. На нив ги има испишано овие стихови: „Ќе чекорам со Господа во земјата на живите“ и „Слава на Господа, сладок и смирен по срце“.

Драго ни е што Господ ни ги донесе и што можевме да ги укрепиме на нивниот пат, откако биле одбиени на други места. Сега, одморени и наспани, заминуваат на нивниот пат.

Писмото ни вели: „Гостољубивоста не запоставувајте ја, бидејќи преку неа некои, и не знаејќи, им укажаа гостопримство на ангели.“ (Евреите 13:2)“

Претходна статијаНа Сања од „Брза кујна“ и недостасува најдобриот човек на светот, сподели носталгичен спомен (ФОТО)
Следна статијаЛамбе во друштво со актерот Владо Јовановски, ништо не е случајно (ФОТО)