Делницата Кичево – Охрид е една од главните сообраќајни артерии во нашата држава, која почна да го обновува пред неколку години, но патот се уште не е завршен.
Според официјалните податоци, вкупниот прогрес на градежните работи по основниот договор изнесува 90 проценти, а 62 проценти според основниот договор и анекс договорот.
Во завршна фаза се преговорите со изведувачот „Синохидро“, каде е дефинирано до 31 декември 2023 година да се продолжи рокот за комплетирање на градежните работи на автопатот Кичево – Охрид, рече пред неколку денови, во интервју за МИА, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.
Според него, рокот, се продолжува поради изработка на дополнителна проектна документација (испроектирана во рок од септември 2019-септември 2020) која беше неопходна за завршување на проектот.
Врз основа на изработената проектна документација за автопат Кичево – Охрид, наведува Рустеми, се направи анализа за крајниот рок на завршување на работите која се темели на три аспекти и тоа: зголемен обем на работите, реализација на преостанати финансиски средства и решавање на дополнителната експропријација произлезена од дополнителната проектна документација.
Вкупниот прогрес на градежните работи по основниот договор изнесува 90 проценти, а 62 проценти според основниот договор и анекс договорот.
Изградбата на автопатот во должина од 57 километри почна во 2014, а по проблемите кои настанаа на трасата првичниот рок за завршување предвиден за 2018 година, со анекс на договорот беше пролонгиран за крајот на месецов.
Еден од најпопуларните доктори кај нас, кој со своите корисни совети за граѓаните, особено се истакна во оваа пандемиска криза, е д-р Нико Беќаровски.
Тој вчера на својот профил на социјалните мрежи, проговори за делницата Кичево – Охрид и воедно даде интересен предлог. Да се организира работна акција, како во старите добри времиња, со цел да се заврши патот:
„На целата делница Охрид-Кичево, ДЕНЕС изброив вкупно ОСУМ работници (од кои само ЧЕТВОРИЦА нешто работеа), два булдожери и еден валјак кои активно работеа.
Дајте организирајте една ветеранска работна акција, ние поранешните бригадири да Ви го завршиме патот.
Барем нашите внуци да возат по нормален коловоз, а не по “ораница”.
P.S. за ѓубрето по целиот пат до Скопје друг пат.“