Досега, вкупно се аплицирани 267.167 дози вакцини, а ревакцинирани се 42.831 граѓани. Со последните бројки 46% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, информираше Министерот Венко Филипче вчера на социјалните мрежи и дополни:
-Денеска започна имунизација на лицата со ретки болести заведени во Националниот регистар за ретки болести. Се вакцинираат и родители и старатели на малолетните лица од овој регистар кој има околу 60 различни дијанози на ретки болести.
Покрај овие лица ќе се вакцинираат и пациентите со цистична фиброза. Во оваа категорија ќе се вакцинираат и родителите и старателите на малолетните лица со цистична фиброза. Вакцинацијата ќе се изведува во наредните неколку дена на вакциналните пунктови во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје.
Неделава завршува и вакцинацијата на околу 2000 пациентите кои се на дијализа, чекаат орган на листите за трансплантација, имаат трансплантиран орган или самите се донори.
Докторот Никола Пановски пак, во синоќешното интервју на телевизија Телма, рече дека во моментов не е многу важна брзината со која се вакцинира, тоа било важно во јануари и февруари.
„Сега не е битно дали ќе оди вакцинацијата брзо, бидејќи ситуацијата е мирна. Битно беше во јануари, во февруари да вакциниравме поголема бројка луѓе, да спасевме едно 1.000 животи.
Да се спречеше тоа ширење. За мене сега побитно е да има квалитетни вакцини и до крајот на септември да бидат вакцинирани сите што сакаат и оние што се премислуваат.
По моја проценка тоа ќе бидат околу милион луѓе, што би се вакцинирале до септември“, вели Пановски. Инаку, во земјава паѓа бројот на заболени од коронавирусот. За 24 часа има 46 новозаразени.
Познатата новинарка Мери Јордановска пред неколку денови ја прими својата доза и притоа на својот профил на социјалните мрежи, напиша што видела во шишенцето со вакцина:
„Во шишенцето со вакцина видов потрошени едно 30 литри етанол, 20 литри дезинтал, 5 џабе направени ПЦР тестови за година дена, едно 200 пати кажано “леле гарант имам корона”,
Набиена килажа, стотици евра дадени за онлајн нарачки, досада, алк охол, тага по над 5 илјади семејства и илјадници кои поминаа низ гол готи, асоцијалност, “бегај од мене, те чув како кивна завчера”.
Стотици напишани текстови, уште толку исчитани истражувања, желба да се изнагушкаш до болка со оние кои ги сакаш, маски вакви такви, во боја, бели, шарени, трослојни петослојни…. Идеме кон прв чекор до крајот“.
Секоја чест за статусот на Јордановска и ова нека биде една порака до сите кои се двоумат, да се регистрираат на vakcinacija.mk. Да го заштитиме нашето и здравјето на нашите блиски, бидејќи само со достигнување на колективен имунитет, ќе можеме да се вратиме на старото нормално и да ставиме крај на пандемијата.