Џокси за првпат раскажа како настанала песната “На Велигден” – приказната е поврзана со неговата баба Уранија

0

Еден од најпознатите наши пејачи, Ѓорѓе Васиќ, алијас Џина Папас Џокси, е особено актуелен околу Велигденските празници, бидејќи, како што сите знаат, тој ја исполни безвременската ,,На Велигден сум се заљубил”.

Генерациите кои во деведесеттите години од минатиот век беа во своите дваесетти години, многу добро се сеќаваат на атмосферата пред скопскиот соборен храм, пред таа величенствена атмосфера, кога илјадници луѓе од поранешна Ванила, па се до Симпо, по Партизанска, стоеја со свеќи во рацете и го очекуваа Христовото Воскресение.

Речиси постојано, од звучниците на Соборниот храм, пред да започне Божествената Литургија, се слушаше композицијата на Џокси, а сите во еден глас ја пееја.

По полноќ, кога ќе завршеше литургијата, младите се упатуваа во градскиот парк, или околните кафеани и сендвичари, да се ,,омрсат” по Великиот пост.

Џокси секоја година околу Велигденските празници е актуелен, се пушта неговиот евергрин, единствено лани, поради добро познатите настани со Корона вирусот, сè биде поинаку.

Велигден го славевме дома, во најголемиот карантин кој и се случил на нашата држава, а koj траеше околу осумдесет часови.

Но Џина Папас Џокси сепак се погрижи и лани, неговиот безвременски хит да стигне повторно до гледачите и слушателите и да потсети на некои убави времиња.

Тој на својот профил на социјалните мрежи напиша:

,,Како никогаш досега Велигденот не сме го дочекале на ваков начин, карантински, и можеби и одговорносата е поголема, да, во овие моменти, духовно се воздигнеме над се.

Со Акадамскиот хор Мирче Ацев и диригентската палка на Јасмина Ѓорѓеска, а со техничка поддршка на Христо Ловачев, подготвивме една нова верзија на песната “На Велигден“. Мислам дека ќе ви се допадне. Среќни Велигденски празници.”

Притоа го објави ова видео, кое предизвика многу емоции.

Денес, на најголемиот Христијански празник, полицискиот час ќе биде ставен во мирување и на верните ќе им биде дозволено со почитување на актуелните мерки, да го чевствуваат Христовото Воскресение.

„На Велигден“ повторно ќе ечи пред храмовите, а Галама доби ексклузивна исповед од Џокси, што му било инспирација да го напише безвременскиот хит:

„Најубавите години од животот ги поминуваш со својата баба. Таа што ќе ти зготви го јадеш со невидена сласт, па макар било и лепче со шеќер и вода, најомиленото јадење за игра со другарите на улица.

Секогаш е ведра, насмеана, со широка прегратка, со румени обравчиња само за галење, со ни грам лутина во себе, а со неа најлесно заспиваш, и како да не ја сакаш. И на крај, баба што приказни ќе ти раскаже нема никој друг на светот.

Така и мојата Уранија, на мајка ми мајка. Секогаш ја задевав за тоа каков љубовник бил дедо и зошто баш него одбрала, нели имало и други момци во селото (с. Ранци, Егејска Македонија).

Еднаш ја фатив во добрите и со она “пази да не не чуе“ (дедо ми Димитрија), ми ја раскажа нивната љубовна приказна.

Се случило тоа кон крајот на 20те години на минатиот век. Баба била многу убава жена, така што прадедото Никола имал мака од стројниците. Најупорни биле сторјниците на дедо ми Димитрија кои по третиот обид успеале да добијат збор, а сето ова се случувало на Велигден во дворот на црквата св. Атанасиј во с. Ранци.

За нивниот живот, Уранија и Димитрија добиле осум деца. Мајка ми Гина е четвртото дете. Сите деца се родени во Ранци, само најмалата тетка Љубица во Македонија“, раскажа Џокси за Галама. Љубовта на неговите баба и дедо, му биле инспирација да ја напише песната.

Во продолжение, погледнете го величенственото видео од пред неколку години, изведбата на „На Велигден“, на најпопуларното шоу „Буба Мара“:

Претходна статијаОваа приказна ќе ве замисли и ќе ве расплаче: Не ти требаат крпи и зејтини за да бидеш добар, биди едноставно човек
Следна статијаДејан: Порано ми се смееја за ова што го работам, а сега ми завидуваат – мора да дојдеш кај мене и да те фатам со раце, не може од далечина